Христијанските верници од крајниот исток ја славеа својата заштитничка

Големиот христијански празник „Успение на Пресвета Богородица“ денеска ги собра верниците од крајниот исток во храмовите кои го носат името на мајката Божја, каде почитувајки ги препораките за заштита од Ковид-19 се помолија „злото“ кое како што рекоа го нападна човештвото годинава, никогаш повторно да не се повтори.

Најголемо празнување денеска имаше во М.Каменица каде жителите покрај заштитничката на градот го славеа и dенот на градот, но и денот на рударите. За повеќето рудари денешниот ден е признание за нивната работа и долгогодишен труд, но не и за рударот Санде Цековски. За овој рудар кој го затекнавме со инвалидски помагала покрај блиската клупа во „Паркот на рударите“ денешниот ден е тежок празник, бидејки пред неколку дена се оперирал, а му претстои и нова операција заради што граѓаните започнаа акција за собирање средства за негова помош, која покрај на социјалните мрежи се реализира и преку донации на тепефонските броеви 143-145 на мрежата на Телеком и 143-485  на мрежата на А1.

Цековски и покрај својата немоќ, за неговата поранешна професија кажа пофални зборови, а на граѓаните им го честиташе празникот посакувајки им добро здравје.

-Една година сум во пензија, имам околу 20 годишен работен стаж во рудникот. Можам да кажам дека е тешка професија, но секој што е навикнат не е тешко. Професијата е прилично добро платена во денешно време. Што се однесува до празникот за мене годинава е тежок празник. Бев пред две недели на операција, од кичма, сега се опоравувам, на 1 септември сум пак на операција. за мене е тешка годината, но на другите им посакувам се најдобро, истакна Цековски.

Одбележувањето на Успението на мајката Божја, каменичани го продолжија со посета на црковниот храм, кој со посебни мерки на претпазливост организираше и црковен ручек. Честитајки им го празникот на граѓаните и на рударите, градоначалничката Соња Стаменкова изрази жалење што ситуацијата налагаше откажување на Каменичкото културно лето кое беше надополнување на одбележувањето на тројниот празник на градот поради што целиот град беше преполн со туристи. Сепак таа беше децидна дека јавното здравје е приоритет годинава, поради што на граѓаните им посака желби за добро здравје, мир и благосостојба.

-Почитувани рудари, драги сограѓани и православни верници, ви упатувам искрени честитки по повод 28. Август – Денот на општината, Денот на рударите и големиот христијански празник “Успение на Пресвета Богородица”, со желби за добро здравје, мир и благосостојба. Нека овој празник биде поттик за подадена рака на солидарност, меѓусебна поддршка и толеранција. Со добри мисли и хуманост да го градиме нашиот заеднички дом во кој приоритети се личното и јавното здравје во заедницата, меѓусебно разбирање и добрина. Да бидеме скромни и горди во денешното празнување и да се сплотиме околу заедничките вредности што носат мир, благосостојба и напредок за сите. Нека е за многу години денешниот празник и нека не води кон посветла и подобра иднина за сите нас, истакна Стаменкова во својата честитка до граѓаните и рударите.


Освен во М.Каменица денеска најголем дел од жителите на Малешевијата го посетуваат манастирот „Успение на пресвета Богородица во Берово“. Таму поради зголемениот број случаи годинава изостана црковниот ручек, додека посетата на верниците беше ограничена. И во Берово како и во М.Каменица поради ширењето на пандемијата беше откажан еден од најпознатите културни настани „Етно плоштад фестивалот“ како и етно саемот „Малешевијата на дланка“. Со слични желби како неговата колешка од М.Каменица, градоначалникот Звонко Пекевски на граѓаните им посака добро здравје и надминување на пандемијата.

-Во мое лично име и во име на Општина Берово, на сите првославни верници, им го честитам големиот празник „Успение на пресвета Богородица” и им посакувам низ многу здравје, среќа, почит, љубов и разбирање, да ги чествуваме највисоките христијански вредности. Како народ, кој столетија наназад, со неизмерна среќа го слави овој празник, во миговите на спокој, да испратиме порака за сплотеност, заедништво и посветеност кон вистинските вреднсти. Да си посакаме што поскоро да го видиме крајот на пандемијата од КОВИД 19 и повторно да се навратиме на традиционалните вредности и да го видиме Берово, полно со народ, како претходните години, кога градот живееше во духот на етно плоштад фестивалот, рече Пекевски во својата честитка по повод празникот.

Освен во Берово и М.Каменица денеска празникот Голема Богородица се празнуваше и во делчевските храмови, меѓу кои во главната црква во Делчево и црквата во село Тработивиште кои го носат името на мајката Божја.

Одбележувањето на празникот и денеска мина во сенка на новите позитивни случаи со Ковид-19 кои и денеск беа регистрирани во Пијанечко-малешевскиот регион. Со по три нови случаи денеска највисоко на листата на заразени на крајниот Исток се општините Делчево и Пехчево додека по еден активен  случај е регистриран во Берово и М.Каменица

Back to top button
Close