Фјури во април се враќа во рингот

Британскиот боксер Тајсон Фјури ќе се врати на рингот на 11 април кога поранешниот светски шампион во тешка категорија ќе се бори против Русинот Арсланбек Махмудов.
„Кралот на Циганите“, како што е наречен 37-годишниот Фјури, се пензионираше минатиот јануари по вториот пораз од Украинецот Олександр Усик, но оттогаш навестуваше можно враќање на боксот.
Местото на борбата ќе биде објавено подоцна.
„Возбуден сум што се враќам. Моето срце отсекогаш било и отсекогаш ќе биде во боксот. Некој нека му каже на кралот дека асот се врати“, рече Фјури.
Неговиот противник Махмудов има 21 професионална победа во тешка категорија, вклучувајќи го и неодамнешниот триумф над Британецот Дејвид Ален во Шефилд во битката за интерконтиненталната титула во верзијата WBA.






