Снег на пат кон Македонија: Зимски циклон од Јонско море носи нова снежна покривка

Македонија влегува во нова зимска епизода откако значително поладен воздух од север ќе се спушти кон југот на Балканот, сè до Јонското море и јужниот дел на Јадранот. Овој продор ќе овозможи формирање на секундарен зимски циклон, кој од ноќва, ќе донесе снег во повеќе делови од земјава.

Снег за планините и повисоките населени места

Најинтензивни снежни врнежи се очекуваат на планините, скијачките центри и повисоките населени места, каде што ќе се формира нова снежна покривка од 10 до 15 сантиметри, а локално можно е и повеќе, особено на повисоките планински масиви.

Ова се добри вести за зимските туристички центри, каде што снежните услови значително ќе се подобрат.

Снег и во дел од градовите

Со влијанието на овој зимски циклон, снег се очекува и во дел од градовите, особено во западните и северните предели на Македонија. Таму постои можност за создавање на помала, но видлива снежна покривка, особено во утринските часови и при поинтензивни врнежи.

Какво време го очекува Скопје?

Во главниот град врнежите ќе бидат претежно во форма на дожд, со можност повремено да преминуваат во дожд и снег. Не се очекува формирање снежна покривка во централното градско подрачје, но во повисоките делови од Скопската Котлина и на околните планини може да се создаде тенка снежна покривка.

Препорака до граѓаните

Поради можни снежни услови, пониски температури и лизгави коловози, се препорачува зголемена внимателност при патување, особено во планинските и повисоките региони, како и користење на соодветна зимска опрема.

Извор: trn.mk

Back to top button
Close