Преживеан од Холокаустот: „Бевме дехуманизирани“

Дури ни денес, 100‑годишниот Леон Вајнтрауб не може да ги заборави страшната глад и суровоста на чуварите во концентрациониот логор. Тој неуморно се бори сеќавањето на Холокаустот да не избледи.

Леон Вајнтрауб сè уште живо се сеќава на денот кога нацистите влегле во неговиот полски роден град Лоѓ на 9 септември 1939 година: „Дојдоа, навидум бескрајни колони високи, здрави млади војници во зелени униформи на Вермахтот. Звукот на нивните потковани чизми на калдрмата сè уште ми прави трнење по ‘рбетот“, вели тој за ДВ. „Зрачеа толку многу моќ. Ќе здробеа сè на својот пат“, вели Вајнтрауб во интервјуто направено по повод Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот.

Тој имал 13 години и немал поим какви ужаси ќе доживее. Живеел во најсиромашниот дел од градот со своите четири сестри и мајка му, која водела мала перална. Неговиот татко починал кога тој имал една и пол година. Малото семејство останало заедно. Леон бил паметно момче. „Читањето книги и гледањето филмови беше како клучалка за мене, прозорец кон друг свет“, вели тој. Благодарение на стипендијата можел да учи во гимназија.

Затворен во гето

Сепак, не можел да го продолжи своето образование. Во февруари 1940 година, тој и неговото семејство биле насилно преместени во гетото Лицманштат – име кое Германците го преименувале во Лоѓ. Околу 160.000 Евреи биле збиени тука; секој што ќе се обидел да избега бил стрелан. Луѓето биле присилени на принудна работа. Леон работел во електрична работилница во металуршкиот оддел.

Еврејскиот совет му рекол дека оние кои им се корисни на нацистите имаат поголеми шанси за преживување. (Еврејските совети биле задолжителни организации основани од националсоцијалистите на окупираните територии со цел да управуваат со еврејската заедница и да дејствуваат како посредници меѓу неа и германските окупатори )

Сепак, многумина умирале во гетото од болести и глад. „Значи, зборот ‘глад’ има многу посебно место во мојот речник, во мојот мозок, во моето битие“, вели Вајнтрауб. Денес, луѓето зборуваат за глад навечер ако го прескокнат ручекот, но „тоа не е глад, туку зголемен апетит. Пет години, седум месеци и три недели, со само еден исклучок, буквално страдав од глад. Не можев да спијам поради болниот притисок во стомакот и се будев со него. Мојата единствена мисла беше како да јадам нешто за да го наполнам стомакот“.

Депортација во Аушвиц-Биркенау

Во летото 1944 година, гетото било ликвидирано. Регионалниот претседател, Фридрих Ибелхе, веќе испратил писмо до нацистичкото раководство во 1939 година во кое напишал: „Основањето на гетото е, се разбира, само привремена мерка. Го задржувам правото да одлучам кога и со какви средства гетото и градот Лоѓ ќе бидат исчистени од Евреи. Крајната цел, во секој случај, мора да биде целосно искоренување на оваа гнојна рана“.

Леон Вајнтрауб - преживеан од Холокаустот зборува на говорница. Зад него има зграда на која се истакнати бројни знамиња
„Секој пат кога ќе пристигнам во Флосенбирг, нозете ми се тресат“, вели Вајнтрауб за ДВ.Фотографија: Daniel Karmann/dpa/picture alliance

Меѓутоа, на жителите на гетото цинично им било ветено дека ќе можат да продолжат да работат на друго место за „доброто на Третиот рајх“.

Леон Вајнтрауб, како и многу други, бил депортиран во логорот за истребување Аушвиц-Биркенау. Нацистите, вели тој, тврделе дека тоа е само уште едно гето. „Потоа пристигна товарен воз, повеќе наменет за добиток отколку за луѓе“, раскажува тој. „Бевме збиени, толку тесно што можеше само да се стои. Вратите беа заклучени, немаше храна, немаше ништо за пиење. Падна ноќ, потоа повторно ден, па повторно ноќ.“ Смрдеата од кофата што се користеше за дефекација преовладуваше, се сеќава Вајнтрауб.

Во еден момент, вратата одеднаш се отворила, некој извикал: „Надвор, надвор!“. Вајнтрауб раскажува како сè уште не разбирал каде нацистите ги однеле луѓето. Ѝ довикал на мајка му: „Се гледаме внатре“. Но, брзо сфатил дека не завршил во друго гето. Со крајчето на окото, видел бодликава жица под струјата. На таканаречената „селекција“ на озлогласената „рампа“, тогашниот 18-годишник ја видел својата мајка за последен пат. СС одлучувале кој ќе живее: „Палецот нагоре десно: неспособност за работа, палецот нагоре лево: одложена смрт“, вели Вајнтрауб. Неговата мајка починала во гасната комора истиот ден.

На 18-годишниот Леон му бил даден палец нагоре. „И тогаш започна процесот на дехуманизација“, се сеќава тој. Луѓето биле соблекувани голи, туширани, избричени и дезинфицирани. „Нè лишија од секаква човечка волја. Нè контролираа и немавме друг избор освен да ги следиме наредбите“, вели тој.

Бегство од гасната комора

Кога Леон Вајнтрауб ќе помисли на Аушвиц, најмногу му паѓа на ум мирисот на запалено месо. „Но, немав поим дека тие високи оџаци, тој густ, црн чад, беа изгорени човечки суштества“, вели тој. Се чувствувал осамено, едвај препознава лица од своето минато. „Но, некако се засолнив, веројатно од инстинкт за преживување, па не дозволив целата таа негативност да ме преплави. Инаку немаше да преживеам.“

Тој го преживеал логорот за истребување по чиста случајност. Младите затвореници од Блок 10, каде што бил сместен, веќе биле назначени од администрацијата на логорот да бидат испратени во гасната комора. Кога немало чувари наоколу, Вајнтрауб се помешал со група голи затвореници кои биле испратени да работат во логорот Грос-Розен. Тогаш им ги тетовирале броевите на затворениците. „Потоа, кога нè однесоа во складиштето за облека, за среќа не ме проверија, инаку ќе бев мртов“, вели тој.

Леон Вајнтраум, преживеан од Холокаустот гледа низ прозороцето на својот дом
Леон ја напуштил Полска поради порастот на антисемитизмот и се преселил во Шведска.Фотографија: Olle Sporrong/Expressen/TT/IMAGO

Последната слика од Аушвиц која ја понел со себе е телото на жена кое виси од електрична ограда. Таа извршила самоубиство.

Мачеништво и бегство

Следните станици на младиот Леон биле концентрационите логори Грос-Розен, Флосенбирг и Нацвајлер-Штрутоф. Сликите од садистичките злосторства на нацистите се врежани во неговото сеќавање: произволни, брутални тепања на затвореници, понижување и бесење. „Секој пат кога ќе пристигнам во Флосенбирг, нозете ми се тресат“, вели тој за ДВ. „Се смрзнувам неколку секунди затоа што повторно се гледам себеси во зима, на тој студен ветер. Цела маса луѓе која се движи низ плоштадот. Тоа е апокалиптична сцена.“

Непосредно пред крајот на војната, Леон Вајнтрауб и другите затвореници биле качени во воз што требало да се потопи во Боденското Езеро. Тоа не се случило: локомотивата била соборена од француски бомбардер, возот застанал, а Леон избегал. На крајот се соочил со францускиот војник и знаел: неговата мака завршила. Во тоа време, 19-годишникот тежел само 35 килограми и бил болен од тифус. Тој бил жив, но тагувал по изгубеното семејство – сè додека случајно не дознал дека неговите три сестри го преживеале концентрациониот логор Берген-Белзен. „И тогаш станав човек. Тоа беше почетокот на моето патување назад во живот“, вели тој.

Живеј понатаму и запомни

Леон Вајнтрауб одлучил да стане гинеколог и акушер. „Пред сѐ, затоа што бев толку блиску соочен со болеста и смртта. Сакав да помогнам во создавањето нов живот.“ Во 1946 година, британската воена влада му обезбедила место за студирање во Гетинген – токму, во Германија, земјата на сторителите. Како лекар, тој знаел: „Национал-социјалистичката расна идеологија нема никаква научна основа. Ткивото изгледа исто кај сите – без оглед на бојата на кожата“.

Леон Вајнтрауб преживеан во Холокаустот во свечен костум и вратоврска пеперутка
Вајнтрауб и на свои 100 години јасно се сеќава на хоророт на нацистичките концентрациони логориФотографија: Daniel Karmann/dpa/picture alliance

Во 1950 година, се вратил во својата татковина. Во 1969 година, емигрирал во Шведска затоа што антисемитизмот се ширел сè повеќе во Полска. И почнал да се бори против заборавот. За него, тоа е обврска кон убиените членови на семејството и милиони невини жртви. Да се дозволи нивното сеќавање да избледи, предупредува Вајнтрауб, е како да им се одземе животот по втор пат.

Затоа тој веќе дозволи да биде овековечен како холограм. „Животниот век на еден човек едвај поминува, а веќе многу млади луѓе дури и не знаат што е Холокауст“, вели тој. „И ужасно е што денес повторно има луѓе кои повикуваат на погроми и што луѓето се плашат да излезат на улица носејќи статуа“, додава тој.

Но, Леон Вајнтрауб е и оптимист: „Убеден сум дека на крајот здравиот разум ќе победи и човештвото ќе сфати дека е време да се стави крај на меѓусебните обвинувања и кавги и заедно да се изгради мирна иднина“.

Интервјуто го водеше Матијас Хумелзип

 

Back to top button
Close