Облак од марихуана над Македонија

Вестите за запленетиот канабис сѐ повеќе личат на лов во матно, па ако се фати некој сом на јадицата добро, ако не никому ништо
Некои знаци со кои се придружени вестите за успехот со заплената на цветови од канабис и борбата против нелегално произведување и растурање на наркотични средства, покажуваат дека е уште рано за честитање.<
Северна Македонија ненадејно стана регионална вест според заплената на 40 тони од растението канабис кое со хемиска преработка може да се претвори во дрога. Ако навистина станува збор за нелегално одгледување и производство, тогаш акцијата на властите заслужува да биде поздравена. Заплена во таков обем досега не е видена не само во земјава туку и во регионот и пошироко. Да се пресретне толкава количина на потенцијална дрога од нејзино изнесување на пазарот дома и во регионот е навистина голем успех.
Меѓутоа, некои знаци со кои се придружени вестите за успехот со заплената на цветови од канабис и борбата против нелегално произведување и растурање на наркотични средства, покажуваат дека е уште рано за честитање. Треба да се види и исходот на овој процес на кој му претстои докажување низ правни процедури. Но досега освен спектакуларните вести, јавноста не виде покренување на следниот механизам за пронаоѓање и санкционирање на вмешаните во овој бизнис.
Криење на 40 а ако му се верува на премиерот и 100 тони таков растителен материјал не е едноставна работа. А во мала држава и по територија и по жители, со длабок внатрешен конфликт меѓу двете најголеми партии, станува и невозможна. Не се тоа пакетчиња хероин или кокаин што може да се зашијат во поставата на палтото или да се заѕидаат во куќата на родителите, туку станува збор за огромна и кабаста маса материјал кој зазема голем простор, и кој шири мирис, па оттука овие количини не може да се забележат само со затворени очи. Или како што вели нашиот народ со мижење. Со очи широко затворени.
Белград подметнува на Скопје?
Па, како се случило да бидат пронајдени токму сега откако Србија алармираше за заплена на пет тони марихуана со можност дека потекнуваат од Македонија, е прашање што навистина заслужува длабока анализа. Особено затоа што се работи за верижна акција, на повеќе локации и количина која претходно ја навести и премиерот со изјавата дека вестите од претресот „ќе бидат катастрофални“. Значи некој знаеше колкави количини се во прашање уште пред да биде запленет материјалот.
Што се однесува до вестите од Србија, и тука има многу неодговорени прашања. Скопје и Белград имаат одлична соработка на полето на безбедноста, и не само на безбедноста. Вториот човек во македонската Влада е од партија со тесни врски со раководството во Србија. Оттука не е за верување дека пријателска Србија туку така и подметнува на Македонија дека ја пропуштила марихуаната на нивна територија.
Нервозната реакција на македонскиот премиер Мицкоски на новинарското прашање за тоа како поминала марихуаната на територијата на Србија, говори дека постои нелагодност кај македонското раководство околу обвинувањата што доаѓаат од Белград. Без оглед што сега веќе може да се забележат и сигнали дека двете влади се впуштија во заедничко менаџирање на темата и чување грб една на друга. Одговорот на премиерот ќе беше поуверлив ако кажеше дека се прегледани сите безбедносни камери на премините, и дека дрогата не потекнува од Македонија. Од премиер, за таква крупна работа, се очекува категорично демантирање наместо одговор: „Јас не знам дали е од Македонија, а ако знаете Вие тогаш морате да ги споделите Вашите сознанија со обвинителството“.
Ако пак има нелегални гранични премини, и тоа е проблем што треба да се предочи во јавноста. Географскиот терен на Балканот е таков што такви премини не се невозможни. Иако, толкава количина на марихуана не се пренесува со магариња туку со камион за кој е потребен елементарен коловоз за движење а не козји патеки кои се карактеристични за такви премини.
Кампања против опозицијата
Сите овие дилеми се и причина зошто вестите за големата заплена полека тонат во секојдневието па мора да се смислуваат празни прес-конференции и соопштенија од обвинителството за да се одржат во живот.
Громогласната кампања, од друга страна, на владејачката ВМРО-ДПМНЕ која е продолжена рака на Владата, против лидерот на СДСМ Венко Филипче и неговиот претходник Зоран Заев, говори за силна потреба оваа компромитирачка тема да се натовари на грбот на опозицијата наместо на власта. Како да се има намера пронајдената марихуана да послужи како масовен опијат за широките народни маси во политичката борба што ја поведе власта кон опозицијата.
Но кога сите контролни механизми и во политиката и во полицијата се во рацете на ВМРО-ДПМНЕ и Владата, тие најмалку треба да шпекулираат и да претпоставуваат. Недопустливо е претпладне премиерот да вика дека вистината ќе ја утврдат надлежните органи а попладне партијата со која раководи и ги одобрува партиските соопштенија, да вика дека марихуаната е на Заев и Филипче. Сериозна држава и сериозна влада не би се дозволила вакви испади.
Кога веќе власта се потруди толку да ја сензибилизира јавноста за марихуаната, нека ги даде и потребните одговори. Доколку се работи за навистина нелегален бизнис со цел ширење на дрога како што сугерираат во партиските соопштенија, тогаш запленетиот материјал треба да биде уништен. Фактот што работите не се одвиваат во тој правец, значи дека станува збор за лов во матно, па ако се фати некој сом на јадицата добро, ако не никому ништо. Ќе се лансира нова приказна.






