Кожув во натпревар со пресврти поуспешен од Маџари во Купот

Екипите на Кожув и Маџари го одиграа најнеизвесниот куп дуел од четвртфиналето од Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“, а победа од 84:80 (27:16; 18:21; 19:31 и 20:12) славеше ланскиот финалист Кожув. Гевгеличани во полуфиналето утре ќе играат против бранителот на пехарот МЗТ Скопје Аеродром, кој со 100:69 славеше во четвртфиналето против Работнички.
Гевгеличнани подобро го „отворија“ дуелот и по десет минути водеа со 27:16, но тимот на Маџари во вториот период најави пресврт. Во третата четвртина дебитантот во Куп завршницата Маџари имаше водство од +8 (61:53), но искусната екипа на Кожув успеа да ја надополни негативата и во финишот имаше сигурно водство со 81:73.
Почетната петорка на Кожув заврши со двоцифрен број поени, а најистакнат беше Теодор Симиќ со 21 поен и 14 скокови.
Во последното четвртфинале од 19:30 часот играат домаќинот МКК Куманово и Пелистер, а победникот во полуфиналето ќе игра против екипата на ТФТ, која во првиот дуел од денешната програма го совлада Феникс со 98:71.






