Време на чудовишта

Најсилен беше белгискиот премиер Барт де Вевер. Неговите експлозивни коментари на почетокот на Светскиот економски форум на 20 јануари во Давос предизвикаа вртење лево-десно во салата. Тој го „извади ножот“ на маса и рече: „Ние не сме робови на Трамп. Доста е!“ Тој рече дека стравува оти САД стануваат „чудовиште“. „Од него (американскиот претседател Доналд Трамп) зависи дали сака да биде чудовиште – да или не“, рече де Вевер. И продолжи:
„Сега се преминуваат толку многу црвени линии што сте поставени пред избор. Да се биде среќен вазал е едно. Да се биде несреќен роб е нешто друго“, рече Де Вевер, осврнувајќи се на трговската војна на Трамп за Гренланд и заканите за инвазија.
Европа мора јасно да му стави до знаење на американскиот претседател Доналд Трамп дека „е веќе доста. Колку сте поблаги кон него, толку станува подрзок“.
Тој исто така рече дека за време на неодамнешниот состанок на Коалицијата на подготвените, претставниците на САД рекле дека не сакаат да заземат страна во војната меѓу Русија и Украина. „Ова ми беше многу шокантно, бидејќи пораснав во 1980-те кога Западот се залагаше за нешто: за суверенитетот на народот, за демократијата, за слободата“.
Стариот и новиот свет
Овие забелешки на Барт де Вевер беа шокантни, особено што доаѓаат од еден десничар кој се движи кон крајната десница. Тој беше најпознатиот на почетокот на годинава што зборуваше за „чудовиштата“. По него следеа многу други. Сите ја имаа на ум славната реченица на италијанскиот марксистички мислител, Антонио Грамши:
„Стариот свет умира, а новиот свет се бори да се роди: сега е време на чудовишта“.
Два месеци пред Барт де Вевер, Грамши го цитираше, т.е парафразираше, гувернерот на централната банка на Ирска, Габриел Маклуф. Тој во еден говор рече: „Стариот свет на глобалната трговија умира, и можеби всушност е мртов, но новиот сè уште не се појавил или, во најдобар случај, се бори да се појави“. Би-Би-Си имаше специјални предавања на таа тема во 2025.
Пред политичарите и банкарите долги години за Антонио Грамши, за неговите идеи, за наследството што ѝ го остави на Европа, зборуваат многу научници и филозофи, како левичарскиот Славој Жижек.
Грамши беше основач и едно време лидер на Италијанската комунистичка партија. Како силен и гласен критичар на Мусолини и фашизмот тој беше затворен во 1926. Остана во затвор до април 1937, кога беше ослободен поради многу нарушеното здравје и умре една недела подоцна. Имаше 46 години. Додека беше во затвор напиша повеќе од 30 тетратки и 3.000 страници историја и анализи. Многу од неговите дела може да се најдат во неговите тритомни „Затворски тетратки“. Во тие „тетратки“ е прочуената мисла за чудовиштата. Грамши е еден од титаните на европската филозофија, култура и мисла. Целата негова борба беше за еманципација на потчинетите и воспоставување комунистичко и демократско општество.
Најголемиот парадокс околу марксистот Грамши е дека во последниве година-две тој е екстензивно цитиран од разни јавни личности (интелектуалци или политичари) најмногу од десницата и крајната десница. Јасно е зошто неговите зборови денеска се на устите на многумина – стариот свет навистина умира, особено по второто доаѓање на власт на Доналд Трамп. Навистина не се знае што ќе се роди по овој интерегнум, што ќе прави Западот, каде ќе тргне Истокот. Дали светот ќе седне на еден нуклеарен триножец САД-Кина-Русија.
Славој Жижек во ноември 2025 во еден свој текст за британскиот „Њу стејтсмен“ дава едно појаснување за Грамши и чудовиштата. Тој пишува:
„Дозволете ми да почнам со признавање на мојата улога во глобалното ширење на забелешката на Антонио Грамши од неговите ‘Затворски тетратки’: ‘Кризата се состои токму во фактот дека старото умира, а новото не може да се роди; во овој интерегнум се појавуваат голем број морбидни симптоми [fenomeni morbosi]’. Всушност, јас сум одговорен за малку пократка и, се осмелувам да кажам, поостра итерација: ‘Стариот свет умира, а новиот свет се бори да се роди. Сега е време на чудовишта’… Сите тие се согласуваат за едно нешто – живееме во интерегнумот на Грамши. На 16 ноември, фразата ‘време на чудовишта’ стигна дури и до насловната страница на ‘Дејли мејл’, во сторија за Доналд Трамп и овогодинешните ‘Предавања Рајт’ (тоа е емисијата на познатиот холандски историчар Рутгер Брегман на Би-Би-Си).
Каква е природата на овој интерегнум? Во општествените промени, капитализмот се распаѓа, но новиот социјалистички поредок не може да се роди и затоа добиваме морбидни симптоми (како хиерархиите на технофеудализмот); во сексуалната економија, стариот патријархат се распаѓа и новата слободна сексуалност не може да се роди, па затоа добиваме морбидни симптоми; итн. Постои нешто заблудно во врска со оваа вера дека сегашноста е чисто преоден период. Најлошата заблуда е дека е можен директен и непречен премин од старото кон новото, и дека едноставно го пропуштивме поради нашите контингентни ограничувања – на пример, идејата дека сталинизмот се појавил затоа што првата марксистичка револуција се случила на погрешно место, во ‘заостаната’ Русија, а не на развиениот Запад. Затоа е јасно зошто фразата на Грамши што ја пропагирав стана толку популарна. Полско-германската револуционерка Роза Луксембург рече дека иднината ќе биде социјализам или варварство – но она што го научивме од сталинизмот е дека може да бидат и двете истовремено…
Вклучувањето во или всушност победата во хегемонската борба не значи дека можеме да го решиме интерегнумот. Цитатот на Антонио Грамши за морбидитетот е всушност опис на политичката борба како таква, борба што е вечна“.
„Гардијан“ го праша Жижек зошто одлучил поетски да ја преобликува оригиналната италијанска реченица „In questo interregno si verificano i fenomeni morbosi più svariati”. Тој одговори вака: „Не се сеќавам на ништо околу тоа, но сигурен сум дека го зедов зборот од некое друго место“.
Има француска верзија на истата фраза од времето кога Жижек ја популаризираше на англиски јазик. „Dans ce clair-obscur surgissent les monstres“, напиша францускиот економист и урбанист Густав Масија во есеј од 2003 година – „во овој самрак се појавуваат чудовишта“. Фразата „dans cet interrègne surgissent les monstres” била користена на страниците на „Монд“ уште во 1996 година.
Иако точното потекло на чудовиштата на Грамши останува нејасно, постојат пошироки причини зошто идеите на италијанскиот интелектуалец остануваат толку моќни денес. Објавени во 1947 година, години по смртта на Грамши, „Затворските тетратки“ биле пишувани во концентрирани периоди во кои на комунистичкиот мислител му било дозволено да пишува со пенкало и хартија во својата ќелија. Кога Грамши ги напишал „Затворските тетратки“, тој се обидувал да разбере зошто во Италија немало социјалистичка или комунистичка револуција пред фашистичкото преземање на власта.
Сепак, уште во 1970-те, идеите на Грамши биле присвоени од главниот мислител на француската „Нова десница“, или „нова десница“, Ален де Беноа. Во Италија министерот за култура на крајно десничарската премиерка Џорџа Мелони неодамна објави книга наречена „Грамши е жив“.
Длабочините на сегашната беда
Во предавањата на Би-Би-Си Рутгер Брегман беше извонреден кога зборуваше за чудовиштата. Освен неговите книги кои се бестселери во западниот свет, Брегман веројатно најпознат по тоа што ги критикуваше групата банкари и милијардери на Светскиот економски форум во Давос, затоа што одбија да се справат со она што го нарече вистински проблем. А тоа е избегнување на даноци од страна на богатите. Тоа беше, рече тој, како да си на конференција на пожарникари и да не ти е дозволено да зборуваш за вода.
Еве само еден мал сегмент за она што го зборуваше Брегман на Би-Би-Си за тоа како умира стариот свет и каде се појавуваат чудовиштата:
„За да се сфатат длабочините на нашата сегашна беда, помага да се започне со класична приказна за колапс. Кога големиот историчар Едвард Гибон го опишува падот на Рим, тој не зборува со нејасни апстракции. Тој ни дава имиња, датуми и детали, страница по страница за кукавичлук и корупција. Читањето на пропастот и падот на Римското Царство е како да гледате како цивилизацијата скапува во забавена снимка. Садистички императори на позлатени тронови, генерали кои ги продале своите армии и сенатори на кои повеќе им бил важен спектаклот отколку државништвото.
И сепак, она што најмногу ве шокира кога го читате Гибон денес не е изопаченоста, туку препознатливоста. Гибон пишува за политичари на кои им недостасувала сериозност. Елити на кои им недостасувала доблест и општества кои ја мешале декаденцијата со напредок. 2000 години подоцна, живееме во време каде што милијардерите ги избегнуваат своите даноци, политичарите настапуваат наместо да владеат, а медиумските барони профитираат од лаги и омраза. Римската елита си играла додека Рим горел. Нашите елити го емитуваат огнот во живо и го монетизираат чадот. Неморал и несериозност. Тоа се двете дефинирачки особини на нашите лидери денес. И тие не се случајни недостатоци, туку логичен исход од она што јас го нарекувам преживување на бесрамните. Денес не се издигнуваат најспособните, или барем совесните. Не се најдоблесните, туку најдрските“.
Цитатот „време на чудовишта“ можеби ги освои умовите на денешните политичари и мислители, но многумина сметаат дека го лишува Грамши од активистичката ревност што ја отелотворувал за претходните генерации. Чудовиштата се нешто исклучително, за нив во политиката нема секогаш добро објаснување, па макар ги гледаме секој ден. А што ќе се роди од нив не треба да се прашува Грамши. Или да се толкуваат неговите мисли. Нешто се раѓа, а ниту неговите бабици не знаат што ќе излезе од утробата.
Љупчо Поповски
Извор: dw.com/mk






