МИА на Кипар: Сомнителен предмет во воздушниот простор во близина на Либан создаде проблеми со летовите од и кон Ларнака

Mожен сомнителен објект е откриен во воздушниот простор во близина на Либан. Од превентивни причини надлежните органи ги презедоа сите соодветни мерки за истрага и, доколку е потребно, справување со инцидентот, информира портпаролот на кипарската влада, Константинос Летибиотис, а според медиумите од Кипар, веднаш интервенирале грчките воени авиони „Ф-16“, кои од понеделникот се на островот, јави дописничката на МИА.

Според информациите на МИА поради инцидентот, речиси половина час аеродромот во Ларнака беше затворен за слетувања и полетувања авиони, а утринскиот лет од Атина за Ларнака, откога не добил дозвола за слетување, се вратил во Атина.

Летибиотис на „Икс“ објасни дека воздушниот простор на Република Кипар „во ниеден момент не беше затворен“, а во рамките на утврдените процедури, од два лета било побарано да останат во режим на чекање со цел да се обезбеди неопходниот оперативен простор.

Аеродромот во Ларнака, генерално, функционира непречено, иако и денеска има откажани над 24 слетувања и исто толку полетувања, а неколку авиокомпании, меѓу кои и „Луфтханза“, „Бритиш“ и „Изиџет“ ги откажаа летовите кон Кипар.

Во еден од денешните летови од Атина за Ларнака мнозинството патници се Кипрани што се враќаат дома или од грчката метропола или од друга дестинација, а Атина, како што велат за МИА, ја користат за трансфер поради откажаните летови кон Кипар од други европски градови, особено од Лондон.

Коментирајќи ја актуелната ситуација во нивната земја, велат дека не очекуваат некаква ескалација.

Back to top button
Close