„Класата на Епстин“
Денко Малески
Сте слушнале ли за еден израз кој се почесто се користи во Америка и во светот: „Класата на Епстин“? Терминот, како што читаме во објавените документи на американската влада, е синоним за една мрежа на екстремно богати елити за кои се верува дека се над законот. Терминиот е ковани од името на Џефри Епстин, некогашниот наставник по математикам кој станува милјардер преку финансиски шпекулации и кој изгради светска мрежа на контакти со влијателните луѓе во светот: милјардери, политичари, припадници на кралски куќи, научници, ѕвезди… Со еден збор, луѓе со врски и богатства кои, се верува, ги штитат од правна и морална одговорност за своите постапки. Ќе се сетите дека припадници на таа американска олигархија составена од милијардери седеа во првите редови на церемонијата на положувањето на заклетвата за претседател на Доналд Трамп. Една од првите книги кои, како асистент на Правниот факултет во Скопје, ја порачав преку библиотеката, во тие седумдесетти, беше „Социологија“ од Томас Ботомор. Мислата која ја прочитав во неа ми отвори очи: „Можеби богатиот човек ќе има проблеми да влезе во Рајот, но ќе види дека е многу лесно да влезе во било која гранка на власта“.

Конечно, по демократската и капиталистичка трансформација на македонското општество, на примерот на неколку имиња со по неколку десетина или стотиниа милиони долари, и самите бевме сведоци дека е така и кај нас. Неспоредливо со богатството и влијанието на американските милјардери, принципот е истиот: парите отвораат врати на влијание, а екстремно многу пари, екстремно многу влијание.
Зошто тогаш американските избирачи се определија за кандидат за претседател каков што е Доналд Трамп, типичен претставник на „класата на Епстин“? Затоа што поверуваа на неговите зборови дека тој, во нивно име, ќе се пресмета со естаблишментот, исто онака како што вети дека ќе им стави крај на перманентните воени интервенции на Америка, запирајќи ја војната во Украина во рок од 24 часа. Но, под влијание на финансиерите на неговата кампања, олигархијата на милијардери, со цел да му удоволи на моќното и богато израелско лоби, Трамп го погази ветувањето и тргна во нова војна, против Иран. Бенјамин Нетанијаху ќе изјави некни дека сонот кој го сонувал четириесет години, да се уништи Иран, му се остварува. Ќе реагира ли американскиот парламент? Американските аналитичари се, безмалку едногласни, дека, сите во конгресот се „купени“ од олигарсите. Дека, на последните избори, никој не можел да помисли да биде избран во претставничкиот дом или во сенатот ако е против Израел. И, навистина. Како поинаку да си го објасниме фактот дека преку 75 посто од Американците се против војната во Иран а извршната и законодавната власт ја тераат агендата на „класата на Епстин“? Доколку, во новата војна, работите тргнат лошо за Америка може да се очекува реакција на народот и на МАГА базата на Трамп, ако не и бунт на американските гласачи, против „класата на Епстин“ на изборите во ноември. Напаѓајќи ги пребогатите држави од Заливот, на меѓународната сцена, Иран веќе ја почна пресметката со арапската „класа на Епстин“.






