Трамп ги отвори вратите на Пеколот
Денко Малески
Проследено со завивање на сирена, од звучниците на американската амбасада на Калето, во сончевата сабота која што помина, ечеше: „Duck, take cover, move away from the windows and wait for further instructions…(Наведнете се, засолнете се, тргнете се од прозорците и чекајте натамошни инструкции…). Напад? Тоа, сепак, беше вежба иако не го слушнав она што, низ годините, се повторуваше во вакви прилики: „This is a drill“(„Ова е вежба“). После извесно време, се се смири и на патеката покрај Вардар се слушна хор од оџи од џамиите во Чаир.

Во контекст на војната во Иран и убиството на верскиот лидер Ајатолахот Хамнеи, размислувам… Еве не повторно на „крајот на историјата“. Само, за разлика од пред три децении кога поверувавме во дефинитивната победа на либералната демократија и на мирот, денес, внесувањето на ескатолошкиот елемент во политичкиот наратив се слеа со звукот на барабаните на војната. Ескатологија, како што знаете, е дел од теологијата која се занимава со крајот на времето. Секоја од трите големи религии, Јудеизмот, Христијансктвото и Исламот зборуваат за судниот ден кога ќе се врати Месијата, Исус Христос или Махди, кои ќе ги поведат своите верници во битката на доброто со злото за да воспостават правда во светот. Дека војните кај Муслиманите и кај Евреите имаат тон и страст на „света војна“, го почувствував уште во раното детство кога живеев на Блискиот Исток во Бејрут, Либан. Го чувствував во силниот аплауз на арапската публика во кината кога, на некој журнал, ќе се појавеше Адолф Хитлер, или во погледот полн со прекор на продавач на некоја мала продавница, кон мене десетгодишно црномуресто дете од Скопје, прекор проследен со зборовите да си го почитувам својот арапски јазик и исламска вера, а не да зборувам англиски.
Непромислената војна на Доналд Трамп против Иран ги отвори вратите на пеколот и може лесно да стане верска војна, од оние најкрвавите што ги познава историјата. И да нема двоумење – ова е конфликт кој може да стане увертира за Трета светска војна. Големите Ајатоласи Хамедани и Ширази веќе издадоа фатви повикувајќи ги своите вреници во светот на одмазда кон Израел и Америка. Повикувајќи се на светите книги, ескатолошките војни не се само политичи и територијални конфликти туку се сукоби по наредба на Господ кој повикува на конечна битка на доброто против злото, битка која ќе ја определи иднината на човештвото. И додека овие апокалиптични наративи , помалку или повеќе, ни се познати кај Евреите и кај Муслиманите, малку знаеме дека и евангелистичко Протестантската теологија во Америка се повикува на „Кигата на откровенијата“ која зборува за судниот ден, за финалната пресметка на доброто со злото за – битката кај Армагедон која, случајно или не, ќе биде токму на Блискиот Исток.
И немаше да ја земам за сериозна оваа христијанска ескатологија да не го слушнав исказот на поранешниот британски дипломат и одличен познавач на меѓународната политика и на состојбите на Блискиот Исток, Алистер Крок, кој ми ја смрзна крвта во жилите. Се обидов да ја проверам оваа информација но, вештачката интелигенција одби да соработува на теми кои се иоднесуваат на состојбите во америкаснката армија. За што станува збор? Според зборовите на Крок, министерот за војна на САД, Пит Хегсет, упатил насоки до командантите на американската војска да ги брифираат војниците дека ова е војна на Господ, дека Трамп е инстумент на Господ и дека оваа финална битка е запишана во Библијата. Разбирам дека имало многу протести во американската армија заради внесувањето на ваквиот ескатолошки елемент во политиката на САД со кој се сака да му се парира на исламскиот Џихад. Но, бидејќи ваква порака до војската не можела да биде испратен без согласност на претседателот на Америка, најсериозно сум загрижен за менталното здравје на претседателот на САД, Доналд Трамп.






