„Кир не е Винстон Черчил“: Трамп разочаран од британската воена поддршка против Иран


Американскиот претседател Доналд Трамп денеска упати остри критики до британскиот премиер Кир Стармер, оценувајќи дека тој направил „голема грешка“ со одбивањето да обезбеди соодветна воена поддршка за американските операции во војната со Иран, вклучително и ангажман на Кралската морнарица за деблокада на Ормуската Теснина.

Трамп, кој во Белата куќа го пречека ирскиот премиер Михол Мартин по повод Денот на Свети Патрик, ги повтори своите барања до сојузничките нации да испратат бродови за да помогнат во отворањето на овој стратешки премин. Со војната која навлегува во својата трета недела, цените на нафтата остануваат над 100 долари за барел поради иранската блокада на Ормуската Теснина.

Претседателот на САД изјави дека иако го симпатизира Стармер, тој е длабоко разочаран од неговата позиција. – Тој не беше поддржувач и мислам дека тоа е голема грешка. Знаете, тие заработуваат многу пари од трговијата со САД. Јас се потрудив за нив, направивме добар договор кој веројатно не беше ценет – изјави Трамп во Овалната соба.

Трамп додаде дека Стармер првично понудил да испрати два носачи на авиони но дури откако војната во суштина ќе биде добиена. – Му реков: не, не, ние сакаме работите да бидат испратени пред војната, а не откако војната ќе биде добиена. Разочаран сум од Кир. Мислам дека е фин човек, но за жал тој не е Винстон Черчил“, истакна Трамп, додавајќи дека премиерот „не дава резултати“.

Трамп, исто така, ги опиша политиките на Стармер за имиграција и енергија како „катастрофа“, повикувајќи ја Британија да се врати на експлоатацијата на нафтените депозити во Северното Море наместо да се потпира на енергијата од ветер.

За време на разговорот со новинарите, Трамп изрази разочарување и од НАТО, велејќи дека САД им помагаат на другите земји, а за возврат не ја добиваат истата помош. На прашањето дали се плаши дека копнена инвазија на Иран би можела да биде повторување на Виетнамската војна, Трамп одговори: „Навистина не се плашам од ништо“.

Back to top button
Close