Папата со критика Трамп: Војната не е видеоигра, медиумите да не станат пропаганда

Папата Лав XIV упати остра порака до медиумите и политичките актери, предупредувајќи дека војната не смее да се прикажува како видеоигра и дека новинарите не смеат да станат алатка на пропаганда.
Во обраќање до вработените во италијанската телевизија ТГ2, папата нагласи дека улогата на медиумите е да ја прикажат реалната слика за страдањата што ги носи секој конфликт.
„Новинарите треба да ги покажат страдањата што војната секогаш им ги носи на луѓето, да го покажат нејзиното лице и да ја раскажат преку очите на жртвите, за да не се претвори во видеоигра“, изјави папата.
Тој предупреди дека во време на војни, медиумите се изложени на ризик да станат дел од пропагандни механизми.
„Медиумите мора да се чуваат од опасноста да станат пропаганда. Задачата на новинарите да ги проверуваат информациите и да не бидат гласноговорници на оние на власт е клучна“, додаде тој.
Изјавата доаѓа во контекст на критики за начинот на кој се комуницираат воените операции, откако беа објавени содржини што комбинираат реални снимки од напади со елементи од филмови и видеоигри.
Слична реакција упати и кардиналот Блејз Купич од Чикаго, кој оцени дека ваквото прикажување на војната е „вознемирувачко“ и ја минимизира реалната човечка трагедија.
„Вистинска војна со вистинска смрт и страдање се третира како видеоигра – тоа е вознемирувачко“, посочи Купич.
Овие реакции доаѓаат во време кога воените конфликти предизвикуваат сè поголеми политички и општествени поделби, вклучително и во самите САД.






