Новите правила на МОК им забрануваат на трансродовите жени да се натпреваруваат во женска категорија

На трансродовите жени им е забрането да се натпреваруваат во женска категорија на идните Игри, соопшти денеска Меѓународниот олимписки комитет (МОК), по воведувањето на новите правила за подобност на жените.

МОК соопшти дека правилата одобрени од неговиот извршен одбор ќе важат од следните Олимписки игри во 2028 година во Лос Анџелес па натаму, и нема да се користат ретроактивно.

„Подобноста за кој било настан во женска категорија на Олимписките игри или кој било друг настан на МОК, вклучувајќи ги индивидуалните и тимските спортови, сега е ограничена на биолошки жени, утврдена врз основа на еднократен скрининг на генот SRY“, се вели во соопштението на МОК.

Сите спортисти што се натпреваруваат во женска категорија мора да го поминат тестот SYR, за кој МОК рече дека ќе „ја заштити праведноста, безбедноста и интегритетот во женската категорија“.

МОК додаде дека правилата не важат за рекреативни или спортови на локално ниво.

Промените се во согласност со извршната наредба на претседателот на САД, Доналд Трамп, за трансродовите жени во женски спортски настани. По Летните игри во Лос Анџелес ќе следат и Зимските олимписки игри во Солт Лејк Сити во 2034 година.

Претседателката на МОК, Кирсти Ковентри, двократна освојувачка на златен медал во пливање, изјави: „Како поранешна спортистка, страсно верувам во правата на сите олимпијци да учествуваат во фер натпревар“.

– На Олимписките игри, дури и најмалите маржи можат да бидат разликата помеѓу победата и поразот. Значи, апсолутно е јасно дека не би било фер биолошките мажи да се натпреваруваат во женска категорија. Покрај тоа, во некои спортови тоа едноставно не би било безбедно – нагласи таа.

МОК соопшти дека тестот е за „генот SRY, сегмент од ДНК што обично се наоѓа на Y хромозомот што го иницира развојот на машкиот пол во матката и укажува на присуство на тестиси“.

SRY тестот – преку брис, плунка или примерок од крв – за прв пат беше користен во голем обем од Светската атлетска федерација, што го направи задолжителен за жените на минатогодишното светско првенство во Токио.

Атлетиката и пливањето се меѓу спортовите што им забранија на трансродовите жени да учествуваат во женските категории. Светската атлетска федерација го поздрави потегот на МОК.

МОК соопшти дека неговите нови правила се резултат на процес на преглед што почна во септември 2024 година и доби на интензитет кога Ковентри стана првата жена избрана за претседателка минатата година.

Потегот беше поздравен од тениската легенда Мартина Навратилова и други активисти. „Време беше:), ви благодарам што конечно обрнавте внимание на реалноста и ја заштитивте ЖЕНСКАТА КАТЕГОРИЈА!“, напиша таа на X.

Дебатата за подобност за полот привлече големо внимание на Олимписките игри во Париз во 2024 година.

Боксерките Имане Келиф од Алжир и Лин Ју-тинг од Тајван освоија златни медали на Игрите, една година откако беа дисквалификувани од светското првенство, кое го водеше Меѓународната боксерска федерација (ИБА), откако наводно не ги положија тестовите за подобност.

МОК, кој ги водеше последните два олимписки боксерски турнири бидејќи ја суспендираше ИБА поради различни причини, рече дека Келиф и Лин можат да се натпреваруваат затоа што се родени и се идентификуваат како жени.

Официјално ниту еден спортист роден како маж не се натпреварувал во женска категорија во Париз. Но, новозеландската кревачка на тегови Лорел Хабард го стори тоа на Игрите во Токио во 2021 година, без да освои медал.

МОК соопшти дека неговото истражување покажало дека родените мажи задржуваат предности во областите на сила, моќ и/или издржливост и имаат три значајни врвови на тестостерон, „во матката, во мини-пубертет од детството и почнувајќи од адолесцентниот пубертет до зрелоста“. Додадено е дека предноста на мажите се движи од 10-12 проценти во трчање или пливање до повеќе од 100 проценти во спортови што вклучуваат кревање тегови и удирање.

МОК соопшти дека ова важи и за трансродовите спортисти и огромното мнозинство спортисти со одредени XY разлики во развојот на полот (DSD), кои „имаат анатомски и физиолошки предности во согласност со тоа што се мажи, дури и нивниот законски пол, начинот на кој се воспитани и/или нивниот родов идентитет може да варираат“.

Се смета дека DSD или интерсексуалните спортисти ја вклучуваат двократната олимписка и трикратна светска шампионка на 800 метри, Кастер Семенја од Јужна Африка, пренесе ДПА.

Но, Ковентри, исто така, изјави дека регулативите значат дека „секој спортист мора да биде третиран со достоинство и почит. Мора да има јасна едукација за процесот и достапно советување, заедно со стручни медицински совети“.

Алун Вилијамс, професор по спортска и вежбовна геномика на Универзитетот Манчестер Метрополитен, неодамна објави труд во UK Journal of Sports Medicine за ова прашање и не е задоволен од новите правила.

– Нема убедливи директни докази дека спортистите со DSD имаат предности во спортот. Значи, генетското тестирање на сите девојки/жени спортистки се базира на заклучоци, а не на директни докази, и доаѓа со огромни практични и етички проблеми – изјави тој за британската прес-асоцијација.

Во соопштение објавено пред очекуваната одлука на МОК, лоби групите Алијанса за спорт и права (SRA) и над 100 сојузнички организации соопштија дека забраната ќе биде уназадување на родовата еднаквост.

– Политиката за сексуално тестирање и општа забрана би била катастрофална ерозија на правата и безбедноста на жените – рече Андреа Флоренс, извршен директор на Алијансата за спорт и права.

Back to top button
Close