(Видео) Контроверзното минато на Жарко Грозданоски, осомничен за убиството на 76-годишниот Климе Митрески – Водач на ултра-десничарската организација, гонет за „оштетување туѓи предмети”…
Водачот на ултра-десничарската организација „Христијанско братство“ Жарко Грозданоски, кој е осомничен за убиството на 76-годишниот охриѓанец Климе Митрески, има контроверзно минато

Како што објавија локалните медиуми, Грозданоски осомничен за убиството на Митрески имал мотив – користољубие, затоа што сакал побрзо да го наследи имотот што убиениот Климе го имал во стариот дел на Охрид, вреден 1 милион евра, вклучително и угостителскиот објект „Климентов конак“.
Овој имот со договор за издршка, би му припаднал на Грозданоски. Покрај тоа што бил гонет за закани по животот на поранешниот премиер Зоран Заев, тој според податоците што „Слободен печат“ ги пронајде во архивата на Основниот суд Тетово, во 2012 година бил гонет и за кривичното дело „оштетување туѓи предмети“. Тогаш тој се согласил да плати отштета од 23 илјади денари зашто ја оштетил шофершајбната на лицето што го тужело, во замена тоа да ја повлече пријавата против него.
„Тужителот преку неговиот полномошник остана при барањето од 27.08.2012 година со тоа што во делот на плаќањето на штета за шофершајбната истиот се согласил истата да биде половина, така што заедно со трошоците на постапката побара износ од 23 илјади денари и ова го прави во знак на помирување со обвинетиот бидејќи се соселани и се согласни дека во иднина нема да имаат вакви недоразбирања. Со овој предлог се согласи обвинетиот и побара од судот да му даде рок да ја плати штетата и на трошоците“, пишува во записникот од 11.09.2012 година што е објавен во архивата на сајтот на Судот.
Автор е на крими-роман, со корица на која има инвалидска количка и пиштол, насловена „Одмазда“. Книгата е од 2024 година на македонски јазик но во 2026 година има преводи на бројни јазици. Трилерот како што го опишал сега осомничениот Грозданоски, бил „трилер на правдата, предавството и темнините на човековото срце“.
Дополнителното пребарување на социјалните мрежи, прикажува како изгледала една „заклетва“ која припадниците на Христијанско братство ја давале во црковните храмови
Исто така, евидентно е дека организацијата што ја предводи Грозданоски била споменувана од страна на Љупчо Палевски викан Палчо, неправосилно осуден за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Палевски го споменувал Христијанско братство и лидерот Жарко Грозданоски кога зборувал дека членови на оваа организација наводно биле следени од безбедносниот апарат и безбедносните структури во државата, во операцијата „Атлантик“.
Тогаш Грозданоски му се заблагодарил на Палевски со зборовите:Само да ги поздравам душманите и предавниците! Се додека не има нас патриотите и родољубите, Македонија ќе живее. Да живее Република Македонија! Огромен поздрав до Палчо, напишал тој на 9 јули 2020 година.
Во февруари 2022 година, пак, има објавено видео како со други членови на организацијата дава заклетва пред владиката Агатангел.
Инаку, убиениот Митрески на повеќе видео материјали и фотографии може да се забележи во друштво и придружба на осомничениот Грозданоски. Митрески минатата година на Фејсбук објавил писмо до своите деца во кои што соопштува дека ја прекинува секоја комуникација со нив.
…





