Македонските и хрватските општини водени од социјалдемократите ќе соработуваат

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Социјалдемократската партија на Хрватска, кои се во опозиција и во двете земји, потпишаа договор за соработка меѓу општините каде што имаат свои градоначалници. Ова го соопштија на заедничка прес-конференција претседателите на СДСМ Венко Филипче и на СДП Синиша Хајдаш Дончиќ.

Како што рече хрватскиот политичар во обраќањето што се одржа во седиштето на СДСМ, целта на оваа соработка не е само политичката поврзаност меѓу двете партии, туку потребата градовите и општините подобро да се подготват за да ги користат фондовите од Европската Унија.

Дончиќ додаде дека Хрватска ја поддржува Македонија на патот кон Европската Унија и дека иако тој пат е трновит, а ЕУ можеби не е идеална, таа е најдобрата асоцијација за малите народи како хрватскиот и македонскиот во актуелното глобално опкружување.

„Таа нас повеќе ќе не зближи и ќе овозможи во депопулациските краеви, од кои луѓето за жал заминуваат, како од Македонија така и од Хрватска, да се финансираат некои работи со европски средства. И тоа е важно“, рече Дончиќ.

Филипче исто така дече дека членството во ЕУ е инструмент за подобар живот и дека Европската Унија не треба да се гледа како крајна цел, туку како средство за подобрување на квалитетот на живот.

„Практично Европската унија да не ја гледаме како наша стратешка цел, туку како инструмент да стигнеме до нашата стратешка цел, а наша стратешка цел е да живееме подобро, поквалитетно, во добри, средени, урбани средини, да има можности за младите, да има високи плати, да има квалитетен живот, младите да не заминуваат од земјата, а старите да имаат достоинствени пензионерски денови“, рече Филипче.

Во таа насока, тој истакна дека придобивките од членството во ЕУ се клучни за развојот.

„Колку сте помалку развиени, толку имате поголем процент од европските фондови. И тоа што сега ние не можеме да го направиме, празни места, празни локации, поранешни фабрики – во Хрватска прераснуваат во културни центри, спортски сали, сали за концерти, сали за соодветни активности за деца, за кино-проекции за возрасни и пензионери, луѓе коишто благодарение на европските фондови се платени да се грижат за пензионерите. И тоа е тоа што Европската унија вистински квалитативно го нуди, да го подобриме нашиот живот, поради тоа што, немајќи ги тие кохезиски фондови, ние практично сме оставени на немилост. Значи, ја гледаме Европската унија како инструмент да стигнеме до нашата стратешка цел“, порача Филипче.

Сличен став за Европската Унија, каде што Хрватска членува веќе 13 години, изрази и Дончиќ. Според него, Европа не треба да се гледа исклучиво како извор на фондови, туку треба да се види низ призмата на причините поради кои настанала.

„По векови со војни, Европа да живее во мир. И луѓето, преку своите компетенции, преку своите сличности, да развиваат и да создаваат нова вредност. И затоа знам, не мислам туку знам, дека социјалдемократијата не е исчезната и не е пропадната, ни во Македонија ни во Хрватска“, рече тој.

Единствено социјалдемократите, според него, се залагаат да има капитал, да се создава додадена вредност, но распределбата да биде праведна меѓу сопственикот на капиталот и работникот – не секундарна преку даноци, такси и социјална помош, туку примарна. За тоа, како што рече, никој не зборува во Македонија освен СДСМ, и никој во Хрватска освен СДП.

Дончиќ нагласи дека СДП Хрватска ја поддржува европската перспектива на Македонија.

„Сметам дека она што ви го правеа и што се уште ви го прават и Грците и Бугарите е една европска срамота на вашиот европски пат. Тие работи треба да се решаваат билатерално – Македонија со Грција и Македонија со Бугарија. А, не да постојат вета, да постојат некакви забрани за патот на Македонија кон Европа“, рече тој.

Претседателот на СДСМ Филипче, пак, оцени дека за жал во Македонија има влада која ништо не прави за членство во ЕУ.

„Жал ми е што имаме влада којашто ништо не прави на таа тема. Сметам дека тоа што сме некако поданички наместени во односите со Србија, Унгарија и практично Русија, не нѐ води никаде. Оваа стагнација, немањето развој, не му носи добро на никого“, рече Филипче.

Back to top button
Close