Тадиќ: Kако фашистите на Мусолини, Вучиќ испрати свои орди со насилници на местата каде што се одржуваат денеска локалните избори

Поранешниот претседател на Србија, сега лидер на Социјалдемократската партија, Борис Тадиќ, оцени дека претседателот на државата, Александар Вучиќ, „ги испратил своите орди на злото – насилници и закоравени криминалци, неговите најважни сојузници“ во десет градови во Србија, каде што денеска се одржуваат локални избори.
„Тоа го направија фашистите на Мусолини. И затоа основата на денешниот прогресивен режим, исто како и фашистите, е само бруталното насилство како идеологија, а само злото и пропаста на Србија можат да произлезат од таква идеологија“, истакна Тадиќ на социјалната мрежа Х.
Како што додаде, „борбата против прогресивното зло е секогаш и на секое место обврска и возвишување“ и повика: „Сите на избори денеска!“.
Во десет српски општини: Лучани, Кула, Смедеревска Паланка, Аранѓеловац, Бајина Башта, Бор, Мајданпек, Кладово, Књажевац и Севојно, денеска се одлучува кој ќе управува со локалните собранија во следните четири години.
Овие избори се сметаат за тест за тоа колку 14-годишното владеење на српскиот претседател Александар Вучиќ е раздрмано од минатогодишните масовни антивладини протести, предводени од студентското движење, во кои од владата се бараше демократизација на земјата, сузбивање на корупцијата, реструктуирање на институциите, независност на судството и слобода на медиумите. Гласачките места се затвораат во 20 часот.
Златко Шумковски






