Надвор од европските процеси сме готови

Денко Малески

Западниот, трансатлантски, сојуз се руши врз нашите глави. Вашингтон го обвинува Брисел за несолидарност во моменти кога на Америка и треба поддршка во војната со Иран. Големите европски држави изјавуваат дека тоа не е нивна војна. А, вашите обврски од повелбата на НАТО, прашува американскиот претседател Трамп. НАТО е одбрамбен сојуз и не не прашавте кога ја започнавте војната заедно со Израел, одговараат тие. Трамп со „ќе видите вие“ и со нови обвинувња најавува развод меѓу Америка и Европа.

 

На нерешениот руско-украински конфликт сега се надоврза војната на Израел и на Америка против Иран.Како ќе изгледа светот откога ќе завршат овие војни, и кога воопшто ќе завршат, само еден Бог знае. Тоа, секако, нема да биде истиот свет. А Македонија? Нема анализа во светот која не се согласува со фактите дека најбезбедното пристаниште за мала држава како Македонија е ЕУ. Дури и оние кои не мислат дека останувањето надвор од членството не мора да значи и брз крај на државата, се согласни дека никаде Македонија нема да ги најде сите елементи за опстанок како во ЕУ. Имено, ЕУ нуди безбедност, економски просперитет, демократска трансформација, финансиска поддршка и поддршка за правна држава, се на едно место.

Надвор од ЕУ, македонските политичари ќе мора да се растрчаат низ светот во потрага по она што на едно место можат да го добијат во Брисел. Така, во надворешната политика почнуваме да наликуваме на Србија која, во отсуство на способност да ги апсолвира прашањата кои ја кочат на патот кон ЕУ, пред се проблемот со Косово, балансира помеѓу големите сили и гради односи со „отпадниците“ од ЕУ, како Унгарија, на пример. Иста е и нашата формула за опстанок: во отсуство на способност да го апсолвираме прашањето со Бугарија, се обидуваме да правиме некаков баланс меѓу Брисел, Вашингтон и Будимпешта. Оваа карикатура на балансирање е затоа што сме премногу мали за класично балансирање меѓу големите сили какви што се САД, Русија, Кина, Индија… Имено, додека Србија е регионална сила и има извесна моќ, Македонија е во категоријата на мали држави (small states) кои се премногу слаби за таква политика. Згора на тоа, тоа е политика за гол опстанок која не лишува од секакво влијание во светот која би ја добиле со членството во ЕУ. Вон од преговарачкиот процес, „со децении ако треба“, како што вели премиерот, безбезбедноста, благосостојбата, демократската трансформација, финансиската поддршка и правната држава, ставени пред нас на европската маса, ќе ја наоѓаме во трошките кои паѓаат од масите на Вашингтон, Будимпешта или кој и да е. Така гледано, воопшто не сум оптимист за иднината на нашата држава која, неминовно, ќе продолжи да слабее на сите фронтови.

 

Back to top button
Close