ВМРО-ДПМНЕ: Ристоска како да ги чуваше предметите „Талир“ долго време без исход за да бидеме уценети како партија

Додека од опозицискиот СДСМ обвинуваат дека обвинителката Ленче Ристоска е, како што велат, „елиминирана од функцијата по диктат на власта“, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение ѝ упатија порака на Ристоска да не глуми жртва, затоа што многумина сметаат дека беспоговорно реализирала агенди на екслидерот на Социјалдемократскиот сојуз и поранешен премиер, Зоран Заев.
Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: „360 степени“ (Архива)
Нарекувајќи ја десната рака на Катица Јанева, ексшефицата на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО), од владејачката партија велат дека Ристоска доцна сфатила дека во државата доаѓа правдата.
„Додека со Јанева делеа и множеа, и палеа и гасеа, и додека одеа по облаци, каде едната од нив во раката имаше чанта ‘луј витон’ и откако после повеќе од 10 години таа не заврши ниеден од споменатите случаи, кокетирајќи со кого ќе ѝ дојде на ум, праќајќи абери и до ВМРО-ДПМНЕ, сега сфаќа дека правда во оваа држава ќе има, и мора да има, без разлика дали на Заев му се допаѓа тоа или не. И без разлика на нејзината лојалност кон кого било“,велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Дилемата што се наметнува, велат од партијата, е зошто Ристоска ако била обвинител со вредности и критериуми не се обидела да провери барем една од стотиците индиции на ВМРО-ДПМНЕ за сторен криминал на претходната власт на СДСМ и ДУИ.
„Ако беше Ленче Ристоска обвинител со вредности и критериуми и личност која не е врзана со СДС и Заев, ќе имаше барем еден случај со кој ќе го докажеше тоа. Ќе имаше барем еден случај со кој ќе докажеше дека сака правда или, ако ништо друго, ќе се обидеше да провери барем една од стотиците наши индиции за сторен криминал на претходната влада на СДС и ДУИ. Наместо да ги амнестира оние што ја направија обвинител во СЈО, СДС и ДУИ, и да глуми жртва апелираме до неа да сфати дека моралот не е само збор, туку е во својата суштина однесување и дејствување. Дела, а не зборови. Нејзините зборови ќе имаа поголема смисла ако зад нив имаше дела“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата се осврнуваат и на предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, кои на Ристоска ѝ беа одземени од новиот државен јавен обвинител Ненад Савески, со образложение дека по нив треба да постапува обвинител од надлежно обвинителство, а не од друго, кој со решение на негов претходник му било додадено овластување да ги води.
Предметите „Талир“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, му се предадени на обвинител кој е од обвинителство кое има стварна надлежност над нив, наместо да се заради каква било, а веројатно и партиска подобност држени надвор од секоја логика кај Ристоска. Според партијата, предметите се држеле толку долго кај Ристоска без да има некаков епилог за да може да се држи ВМРО-ДПМНЕ уценето.
„Постапките за ‘Талир’ траат 10 години и ако правдата функционираше, досега ќе имаа епилог, каков било. Ние не навлегуваме во епилогот, туку дека требаше да го има. Ако има вина – пресуда, ако нема – ослободување. Но не. Нема епилог, туку се добива впечаток дека Ристоска ги држеше кај себе за ВМРО-ДПМНЕ да биде уценета“,
се вели во соопштението.
Јавната обвинителка Ленче Ристоска која вчера си поднесе оставка од функцијата / Фото: Архива
Оттаму додаваат дека и тие како и целиот народ очекуваат правда, владеење на правото и бескомпромисна борба против корупцијата, без разлика на функција, партиска, етничка или каква било друга припадност. Затоа, како што велат, обидите на Ристоска да глуми жртва ги сметаат за нејзино дополнително одработување против правдата во Македонија, а во заштита и обид за дефокусирање на темата од криминалите на СДС и ДУИ и обид да се продолжи перцепциската пресметка против ВМРО-ДПМНЕ.
„Заврши времето на политички агенди и инструментализација на правдата. Да беше Ристоска со вредности како што кажува, ќе си одеше од СЈО кога се делеа награди, кога лапаа награди, покачувања, дополнителни плати кои ги делеа сите таму и кога шетаа чанти ‘луј витон’. Таа не само што остана таму туку продолжи да биде десна рака на Катица Јанева. За сега да глуми жртва и борец за вредности. Народот памети се“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Јавната обвинителка Ленче Ристоска вчера поднесе оставка од функцијата, а ваквиот нејзин потег доаѓа како резултат на, како што вели таа, долгогодишните притисоци, опструкции и неодамнешните одлуки на Советот на јавни обвинители и на државниот јавен обвинител со кои ѝ се одземаат предмети на кои работи изминатите години.






