ЗНМ- Медиумите одговараат пред својата публика, а не пред партиите

 

По денешната објава на СДСМ со критичка ретроспектива на уредувачката политика на Инфомакс, ЗНМ смета дека ваквиот пристап не е соодветен за јавна комуникација.

Во демократско општество, улогата на политичките партии не е да квалификуваат или етикетираат медиуми, туку да одговараат на нивните прашања и критики од јавен интерес. Медиумите, без разлика дали некому му се допаѓа нивната уредувачка политика или не, се дел од плурализмот и јавната дебата.

Обидите на било која политичка партија да дели медиуми на „подобни“ и „неподобни“ не придонесуваат кон слобода на изразување, туку создаваат дополнителна поларизација во општеството. Наместо тоа, многу поважно е сите чинители да гарантираат еднакви услови за работа и транспарентност на медиумите и новинарите.

Потсетуваме дека за својата работа новинарите не треба да одговараат пред политичките субјекти. Оценката за медиумите ја дава јавноста, преку следење на нивната конзистентност, професионалност и кредибилитет, при што и самите медиуми имаат обврска доследно да се придржуваат до професионалните стандарди, начелата на новинарска етика и одговорност, градејќи доверба преку точност, проверка на информации и интегритет во известувањето.

Back to top button
Close