Tри лица приведени во акциска контрола на Мобилната единица при МВР, одземени четири возила

Полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи вчера во периодот од 13:00 до 19:00 часот при спроведена акциска контрола во патниот сообраќај со посебен акцент на контрола на возачи кои управуваат моторни возила со брзина поголема од дозволената, лишиле три лица од слобода а одземале четири возила.

При контролата на автопатот Скопје-Штип со специјално возило пресретнувач сопственост на Министерството за внатрешни работи измерена е брзина на движење на патничко моторно возило „ауди“ со светиниколски регистарски ознаки управувано од А.Л(24) од Свети Николе од 212 километри на час, при што ја надминал максимално дозволената брзина на ограничување од 130 километри на час надвор од населено место.

На регионален пат Куманово-Крива Паланка измерена е брзина на возило „опел“ со кумановски регистарски ознаки управувано од Д.Д(37) од Куманово, од 182 километри на час каде максималната дозволена брзина е 80 километри на час.

На регионален пат Арнакија-Глумово одземено е товарно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки кај кого е констатирано дека возачот А.А.(33) од Скопје го управувал истото во јавен сообраќај со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола која важела до 24.04.2010 година.

Полициски службеници при акциската контрола изрекле 14 мерки за движење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место и констатирале четири останати сообраќајни прекршоци.

-Три лица се лишени од слобода за сторено кривично дело по член-297а од Кривичниот законик, од кои две лица управувале моторно возило надвор од населено место со брзина поголема од 70 км/ч од дозволената а додека едно лице е лишено од слобода за управување на моторно возило без важечка возачка дозвола, посочуваат од Министерството.

Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите за сите сторители ќе бидат поднесени соодветни прекршочни и кривични пријави согласно закон.

-Управувањето на моторни возила со брзина поголема од пропишаната е една од главните причини за сообраќајни незгоди, кои најчесто резултираат со тешки последици по здравјето и животот на граѓаните, се вели во соопштението.

Апелираат до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

Back to top button
Close