Сеќавање
Почитувани читатели, велигденскиот празник, традиционално чествуван од нас православните верници, оваа година ми е дополнителна радост. На самиот ден Велигден, 12 април, на овој свет дојде уште едно внуче, првенче на мојот син Филип. Го доби името на мојот покоен татко Тодор, што ми предизвика големо задоволство. Ме врати во сеќавањата за еден живот вреден вечност…

Христијанин сум со длабоко чувство за културолошко богатство кое ми го пружа моето православие и верувам дека денот Велигден, кога на овој свет се појави мојот внук Тодор, ќе му биде аманет да оди по патот на православието.
Радоста која ја доживеавме како семејство не се раскажува. Мојот син Филип, кој не го памети мојот татко Тодор, направи прекрасна прослава на која ги собра околу себе најблиските роднини, пријатели и другари.
Причината за овој текст под наслов „Сеќавање” е мојот син Филип кој на самата прослава ме праша за неговиот дедо Тодор да му раскажам нешто, велејќи ми: „тато јас сум роден 15 години откога почина мојот дедо Тодор. Ништо не знам за него и сакам да ми го раскажеш неговиот живот.. Почитувач сум на традицијата и сакам името на твојот татко Тодор да го носи мојот син”. Тодор е името што преживеа и ме облеа силна емоција кога почнав да се присетувам на мојот покоен татко Тодор, роден 1912 година во Скопје, Топаана, во време на Првата балканска војна помеѓу сојузниците Србија, Бугарија и Грција против Турција, за освојување на просторот на Македонија.
Мојот дедо Трифун, татко на мојот татко Тодор, беше насилно регрутиран од страна на бугарската војска кога татко ми сѐ уште беше во утробата на мојата баба Неда. Од тој момент дедо Трифун исчезнува од нашите животи засекогаш. Но има сеќавања кои што живеат“
Татко ми се раѓа и расте како дете кое не ја почувствувал татковата љубов.
За мојот покоен дедо Трифун и денес немаме никакви информации каде се борел, како загинал и каде е закопан. Воопшто не е запишан како војник во бугарските архиви. Размислувајќи длабоко за ваквиот однос на сите наши соседи во тие времиња, произлегува фактот дека нашите Македонци биле насилно регрутирани во сите сојузнички војски да се борат за нивни интереси.
Мојата баба Неда живеела пеколен живот, работејќи тешка физичка работа на полиња. Кога не била на поле шиела и плетела. Никогаш не се срамела од работата трудејќи се нејзиниот син Тодор да стане добар човек и со доблесни човечки особини.
Во тие дамнешни времиња да се биде мајка на дете чиј татко исчезнал, не било лесно. Семејството Николовски станува патрон на мојата баба Неда и татко Тодор, бидејќи од 1925 година меѓу моето и семејството Николовски се создава побратимство кое и денеска трае.
Мојот татко почнал да работи како чирак во налбатници и ковачници. Налбатниците биле места каде се одвивале занаетчиски услуги за сточниот фонд ( потковување), кој служел како транспорт за пренос на стоки. Ковачниците биле местата каде се произведувале коњски коли, чези и пајтони.
Го паметам раскажувањето на мојот татко дека работел како калфа во изработката на пајтонот на првиот градоначалник на Скопје, Јосиф Михајловиќ во 1936 година.
Но, занаетите кои вешто ги совладуваше и беа дел од него, ги остави на страна поради Втората светска војна за да се посвети на безбедноста на своето семејство.
Во 1949 година заболува од туберкулоза. Тоа беа неговите најтешки моменти, знаеше дека јас и мојот постар брат ќе ја доживеевме неговата судбина, да растеме како деца без татко. Покажа силен карактер и желба да остане жив, токму поради семејството.
За 3 инјекции пеницилин, купени на црн пазар, продаде 3 ниви од вкупно 10 хектари земјиште. Од тој момент во очите на сите нас тој стана Свети Илија.
Откако ја победи туберкулозата се вработи во Воената болница како административен службеник каде остана да работи сѐ до неговото пензионирање. Беше еден од најпочитуваните вработени во тогашната Воена болница.
Кога имав 15 година ми се појавија вени на левата нога и чир на 12-палачното црево. Татко ми беше загрижен. Имав 18 години кога запишав прва година на Економскиот факултет и кога ми пукна чирот на 12-палачното црево, за време на новогодишните празници. Веднаш бев однесен во Воената болница кај доктор Младиниќ, воен полковник, кој успешно ја заврши операцијата.
Доктор Младиниќ имаше преголема почит кон мојот татко . Се врати од Ниш за да ме оперира. Ги паметам неговите зборови: „ Тошо и да сам био код Тита ја бих се вратио само да оперишем твог сина”
Целото детство, па и студентските денови ги поминав во семејна љубов каде имаше ред и почит. Мојот татко беше единствен вработен со скромна плата. Ги паметам времињата кога се правеа списоци за тоа што треба да се купи од колонијалните продавници, намирници како брашно, шеќер, сол, маст и останати продукти. Тој негов порив за домаќинлук го вгради во мене. Многу научив од него.
Со постариот брат како растевме така имавме поголеми потреби. Сакавме и музика, но и модерна облека, нови чевли, патики, кои не секогаш можевме да ги имаме.
Мојата мајка Олга не ги одбиваше нашите желби да купиме грамофонска плоча, патики или џемпер, меѓутоа свесно дека немаме доволно финансиски средства ќе кажеше: „ Првин да го прашам татко ви”.
Во тие времиња неговата строгост кон нас беше евидентна. Беше неуморен борец за наше школување водеше силна контрола да не застраниме со некои девијантни појави присутни кај младата популација, како на пример да не пушиме, да не се коцкаме, да не играме фанта, џамлии, да не бидеме голубари, туку да се посветиме на нашето школување.
Умееше да ѝ каже на мајка ми:„ Олга гали ги децата додека спијат. Кога ќе излезам на улица сакам да имам чист образ поради добро воспитани деца”.
Неговата љубов кон медицината беше огромна, претпоставувам поради пријателството кое го имаше со доктор Младиниќ. Тој неуморно инсистираше да се запишам на медицински факултет и да бидам доктор.
По моето завршување гимназија, конкурирав на медицинскиот факултет, меѓутоа со поените кои ги добив од приемните испити, бев примен на стоматолошкиот факултет.
Татко ми не се согласи со ова и предложи да се запишам на Богословскиот факултет, бидејќи по него ќе бев прекрасен поп, кој ќе ја негува нашата христијанска култура. Прв пат го одбив мојот татко и се запишав на Економскиот факултет
Ќе споменам еден клучен момент, колку на татко ми, му значеше да станам доктор. Ме убеди да напишам писмо до кабинетот на тогашниот претседател на државата Тито со молба да бидам примен на Медицинскиот факултет. Го сторив тоа. После 6 месеци добив одговор дека сум примен на Медицинскиот факултет. По втор пат го одбив мојот татко и не се префрлив на медицинскиот факултет. Знаев дека економскиот факултет е мојата вистинска кариерна дестинација за мојот понатамошен професионален развој и животен пат.
Го завршив факултетот за неполни 3 години. Се вработив во Технометал Македонија како приправник. Од моето прво вработување , сѐ до последниот миг од неговиот живот, тој со силна љубов го следеше мојот животен пат. Ја имав целата неговата поддршка како родител. Добиваше информации од неговите пријатели во Технометал-Македонија за мојата работа во фирмата. Беше многу горд на мене.
Со моето семејство живеевме во заедница со моите родители. Дојде момент кога моите деца Олга и Коста пораснаа и моравме да се разделиме. Тоа беше најтажниот миг за мојот татко.
Растен без татко, со мајка борец, изнедри два сина со високо образование и мечтаеше, согласно своето поимање за современ живот, да останеме заедно во нашата семејна заедница.
Тешко го прифати модерниот живот во семејствата. Ги паметам неговите последни зборови: „Ејгиди век лажовен, очекував дека животот ќе го поминам заедно со моите деца и внуци, ама не било така”
Почитувани читатели, сеќавањата навираат, посебно за нешта кои оставиле силни траги во нашето живеење. Почесен, похуман, подостоинствен татко не сум можел ни да замислам. Вистински татко беше мојот Тодор, никогаш заборавен.
„Драго мое внуче Тодор, роден на голем православен празник, оди по стапките на твојот прадедо Тодор, расти во човек полн со доблести”!






