Рама: Можам да зборувам за енергетика без дозвола на Европејците, но не и без дозвола на Американците

Малите држави во рамките на НАТО немаат пресудна моќ при носењето на одлуките, но знаат да ја искористат ситуацијата во своја корист кога за тоа постои можност, изјави албанскиот премиер Еди Рама, коментирајќи ја позицијата на Албанија на глобалната политичка сцена.
Рама, во своето излагање за надворешната политика и односите во Северноатлантската алијанса а во разговор за грчкиот весник „Катимерини“ појасни дека во меѓународната дипломатија одговорноста за неуспесите најчесто паѓа врз големите сили, додека малите членки се идентификуваат со позитивните резултати.
„Ние сме членка на НАТО, но не одлучуваме многу таму. Кога Алијансата ќе направи нешто добро, како што беше ослободувањето на Косово, ние велиме дека сме направиле одлична работа. Кога НАТО прави грешки, како повлекувањето од Авганистан, велиме дека тоа е нивна вина. Логиката е едноставна: големите ја преземаат вината, а малите ги преземаат заслугите кога ќе се случи нешто позитивно“, истакна Рама.
Во однос на прашањето за енергетските рути во регионот и можноста Албанија да стане нова влезна точка за природен гас во Европа, премиерот Рама нагласи дека за вакви стратешки прашања е неопходна тесна координација со Соединетите Американски Држави. Тој потенцираше дека додека за одредени теми може да се разговара независно од европските партнери, соработката со Вашингтон е од суштинско значење и без нивна согласност не се откриваат детали за вакви планови.
Албанскиот премиер се осврна и на билатералните односи со Италија, карактеризирајќи ги како одлични, особено во областа на миграциската политика. Тој додаде дека Албанија во континуитет одговара позитивно на барањата од официјален Рим, нагласувајќи ја притоа силната соработка со италијанската премиерка Џорџа Мелони.






