Салам: Либан нема да прифати договор без целосно повлекување на израелските сили

Либан не може да потпише ниту еден договор што не вклучува „целосно повлекување“ на израелските сили, изјави премиерот Наваф Салам во пресрет на разговорите во Вашингтон.

– Не можеме да живееме со таканаречена тампон-зона, со израелско присуство на подрачје каде што на раселените Либанци не им е дозволено да се вратат и каде што уништените села и градови не можат да се обноват – изјави Салам во интервју за „Вашингтон пост“ во Париз, каде имаше средба со францускиот претседател Емануел Макрон.

Говорејќи за разоружувањето на Хезболах, што е едно од клучните барања на Израел и на западните земји, Салам нагласи дека станува збор за процес, а не за нешто што може да се случи преку ноќ. Тој додаде дека Либан не прави отстапки со самото учество во преговорите.

„Не знам што можеме да постигнеме со преговорите, но знам што сакаме“, порача либанскиот премиер.

Инаку, денеска во Вашингтон се очекува Либан и Израел да го започнат вториот круг преговори за да разговараат за можноста за продолжување на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и шиитското движење Хезболах.

Средбата меѓу либанската амбасадорка во САД, Нада Хамаде Моавад и израелскиот амбасадор Јехиел Лајтер е втора меѓу двајцата дипломати, по минатонеделните разговори кои беа први директни контакти меѓу двете страни по три децении. Претседателот на Либан, Жозеф Аун, вчера потврди дека продолжуваат комуникациите за продолжување на 10-дневното примирје кое стапи во сила минатиот петок.

Хамаде ќе предложи продолжување на примирјето и ќе побара итен прекин на уривањето куќи од израелска страна во либанските села окупирани по 2 март. Аун нагласи дека крајната цел е целосно повлекување на израелските сили, ослободување на затворениците и распоредување на либанската војска долж границата.

Од друга страна, израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар го повика Либан на соработка за разоружување на Хезболах. – Немаме сериозни недоразбирања со Либан, освен неколку гранични спорови кои можат да се решат. Единствената пречка за мирот е Хезболах – изјави Саар, нарекувајќи го соседниот Либан „пропадната држава“ која треба да се ослободи од иранското влијание.

Конфликтот ескалираше откако Хезболах истрела ракети кон Израел како одговор на нападите врз Иран, што доведе до израелска копнена офанзива и формирање на тампон-зона од 10 километри во јужен Либан. Иако Хезболах, преку функционерот Вафик Сафа, порача дека нема да ги почитува договорите од директните преговори, либанското влада инсистира на самостојно претставување во дијалогот.

Во досегашните судири во Либан загинаа околу 2.300 луѓе, а над еден милион се раселени. Овие преговори се сметаат за историски чекор, со оглед на тоа што двете земји се официјално во војна уште од 1948 година и досега комуницираа исклучиво преку посредници од САД или мисијата на ОН (УНИФИЛ).

Back to top button
Close