Летка Полизова Димовска – тивок чувар на македонската духовна цивилизација

Нацијата расте преку своите великани

Почитувани читатели, деновиве во Соборниот храм на МПЦ се одржа прекрасен концерт, организиран од женскиот хор Св.Злата Мегленска. Соборниот храм се престори во филхармонија, во синестезија од сите сетила претопени во ангелските гласови на женскиот хор кој го одбележа својот 30 годишен јубилеј.

Организаторот, истовремено диригент, менаџер и во вистинска смисла мајка на хорот, г-ѓа Летка Димовска Полизова, веќе 3 децении наназад ги води хористите создавајќи прекрасно чувство на складно семејство кое промовира култура преку хорското пеење и промоцијата на рано византиските црковни песни.

Горд сум, што бев еден од присутните за да уживам во хармонијата на хорските изведби. Горд сум, што изминатите 30 години овој величествен хор имаше целосна поддршка од мене.

Луѓе како Летка Полизова Димовска, индивидуалец кој со својата професионалност и посветеност покажа како се гради нашата македонска култура, се ретки културни дејци кои го чуваат минатото од заборавот преку пеењето на старо византиските црковни песни. Гласот на Македонија низ вековите впрочем се одржува преку умешноста и истрајноста на хорот Св.Злата Мегленска – амбасадор на нашата духовност.

Во 2007 година, кога бев градоначалник на Град Скопје, гостувавме во збратимениот град Нирнберг во Германија, по повод одбележувањето 25 години од нашето збратимување.

На овој јубилеен настан учествуваше и женскиот хор Св. Злата Мегленска. Настапот беше во најголемата католичка катедрала Фрауенкирхе, во раните утрински часови за време на нивната литургија.

Полната катедрала со католички верници беше вчудовидена од врвното пеење на старо византиските црковни песни. Меѓу нив се шушкаше: „ Кои се овие луѓе, од каде е овој прекрасен хор”?

Сознанието дека гостува хор од Македонија беше пречекан со голем восхит. Заедно со мојот тим од Град Скопје, се чувствувавме како горди Македонци. Горди, бидејќи успеавме да ги разбудиме емоциите кај тамошните верници за да осетат дека кај нас Македонците тлее старата христијанска култура. Токму тогаш, пораснавме како Македонци во очите на домаќините.

Вечерниот настап на хорот Св.Злата Мегленска беше одржан во Собранието на Градот Нинберг каде присуствуваа повеќе од 500 гости, на чело со Градоначалникот Улрих Мали.

Настапот на хорот беше испратен со долг, пролонгиран аплауз од страна на домаќините, а тогашниот Градоначалник Улрих Мали токму тогаш се заљуби во нашата Македонија. Во хорската интерпретација одекнуваше вековната Македонија.

На овој настан присуствуваше тогашниот амбасадор на Македонија во Германија, господинот Филипов. Беше восхитен од нашиот македонски настап. Ги паметам неговите зборови, дека ваков настан е највеличествената промоцијата на нашата македонска култура.

Дополнително, јас и академикот и вајар Томе Серафимовски, подаривме две бронзени статуи на градот Нирнберг, од кои едната го симболизираше нашето збратимување со уметнички израз на споени раце и втората беше Мајка Тереза, симболот на нашата македонска хуманост и љубов. Вистински амбасадори на Македонија се уметниците, а не политичарите!

Почитувани читатели, никогаш во животот не сум се почувствувал толку горд Македонец, од тие два дена поминати во градот Нирнберг.

Имав впечаток дека присутните граѓани на овој град во катедралата и на официјалната вечера научија многу повеќе за нас како држава, народ и култура. Величественоста на една нација се мери преку луѓето, нивната култура и уметност што ја создаваат.

Од еден ваков културен спектакл разбрав дека модерниот свет, во чие што семејство тежнееме да бидеме, бара цивилизациска комуникација во која ќе ја промовираме заедничката иднина, со голема посветеност на нашето културно минато кое сѐ уште западниот свет не ги сознал.

Грешката не е во светот, грешката е во нас. Не умееме да ги сочуваме вредностите на нашето богато минато, цивилизациската вредност преку кои светот ќе нѐ разбере.

Госпоѓата Летка е еден од многумина наши сограѓани кои направиле големи дела за промоција на нашата држава и култура.. Луѓето како Летка ја чуваат Македонија од заборав.

 

Македонската реалност е сурова. Не умееме да препознаеме вредни ликови од сите сфери на нашето живеење, да ги поддржиме и помогнеме за нивно и наше промовирање во очите на светската заедница.

Убеден сум дека Македонија изродила многу силни личности во својата историја, кои за жал не биле препознаени од нивните сонародници и како такви си заминале од земниот свет оставајќи дела, кои за жал, нашиот систем не умее да ги почитува и воздигнува.

Нација без истакнати личности со неприкосновен авторитет во сите области на нашиот живот не може да опстои. Како граѓани на оваа држава мора да им дадеме силна поддршка на таквите личности како Летка. Треба да пратиме порака до генерациите кои доаѓаат дека треба да се вложат самите себе во креирање на заедничката иднина, а системот ќе ги награди со длабока, заслужена почит.

Почитувани читатели, и како граѓани и како нација крајно време е да пораснеме и да ги поддржуваме вредните поединци на праведен начин, согласно постигнатите дела зад себе. Патриотизмот се докажува со дела, а не со зборови

Македонија има душа и свое минато во неа, но таа не се мери според големината на татковината, туку според духот што го носи насекаде со себе. Должни сме да научиме да ја покажеме духовната култура и надвор од Македонија.

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close