Рудното богатство како економски адут: „Иловица-Штука“ со потенцијал за стотици милиони евра годишно

Како ќе успее власта да го заживее македонското рударство? Оваа индустриска гранка има се послаби економски показатели, и го влече надолу индикаторот за индустриското производство во Македонија. Дополнително, дел од рудниците не се во добра кондиција и не се исклучува можноста за масовни отпуштања на рудари. Во меѓувреме, инвестициите во рударството континуирано наидуваат на најразлични пречки, иако во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046 која ја изработуваше МАНУ, се наведува дека Македонија како мала економија треба да работи на извозен модел, а во извозот најмногу придонесува токму рударството.

Во гостување во ТВ Сител, претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски истакна дека мора да се работи посветено на раст на БДП. Ова, според него, може да се случи и преку искористување на богатите рудни богатства кои ни ги дава земјата.

„Во Македонија сега е потребно да се работи посветено, не само на реформската агенда, туку дополнително и на зголемување на бруто домашниот производ. Што тоа значи? Значи дека сите оние договори коишто ги имаме за рудници, за концесии и нашето богатство да провериме каде тоа оди, по кои пари оди и колку и каков дел од тоа има државата. Дополнително, да изнајдеме начини тоа што Господ ни го дал, да го трансформираме во дополнителна вредност. Тоа се Сонцето, воздухот, ветерот, плодната почва и дополнително рудните богатства со коишто не сме оскудни, бидејќи гледате дека се отвораат нови алтернативи за искористување на дополнителни рудни богатства во државата и секако да се држиме до Стратегијата на нашите стратешки партнери и она што беше почнато да се разговара и со Соединетите Американски Држави да го продлабочиме и со нашите европски партнери, бидејќи ние еден ден сакале или не ќе бидеме таму“, оцени Димитриевски.

Како што пренесоа дел од медиумите, на последниот брифинг на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, било истакнато дека е очекуван падот на рударството, со оглед на фактот дека во последните 40 години се нема отворено ниту еден поголем рудник. На брифингот било наведено дека особено рудниците за металични суровини се значителни носители на БДП-то во Македонија.

Министерството информирало и дека во завршна фаза е изработката на Законот за геологија и Законот за рударство, во кои се потенцирало дека концесионерите мораат да применуваат највисоки стандарди при откопувањето и преработката на минералните суровини.

Претходно, во гостување во „Топ тема“, советникот за рударство во Министерството, Филип Петровски изјави дека досега рударството во Македонија било многу запоставено.

-Ние во последните години имаме сериозен пад на рударството во индустриското производство, што не е добро. Во моментов имаме во светски размери сериозни потреби од стратешките минерални суровини, оцени Петровски.

Тој додаде дека во изработка е Законот за рударство којшто, како што вели, е комплетно усогласен до европската регулатива и европските директиви за заштита на животната средина и останатите светски директиви за користење на најсовремени методи.

-Експлоатација на стратешките минерални суровини, како и на сите останати, сега се врши со најсовремени светски методи на откопување и методи на заштита на животната средина. Јас слободно, како многу искусен во оваа област, можам да кажам дека граѓаните не треба да бидат загрижени, заради тоа што ние ќе ги преземеме сите мерки за заштита на животната средина, нагласи советникот.

Според Петровски, Министерството ќе ги следи сите процеси и додека не се исполнат сите критериуми согласно европските регулативи и директиви нема да може да се добие дозвола за експлоатација.

Во Македонија постојат само четири активни рудници за металични суровини. Тоа се рудниците Тораница, Злетово, Саса и Бучим-Боров дол, чии капацитети со текот на времето се намалуваат и опаѓа квалитетот на руда, па затоа и се послаби се показателите за рударството во рамки на индустриското производство. Кај дел од нив сега се разгледуваат и можни отпуштања на вработени рудари.

И покрај ваквите факти во минатото се попречуваа голем број на инвестиции во рударството, како што е примерот за рудник за бакар во Казандол. Неизвесно е кога може да биде отворен првиот голем рудник за металични суровини, со оглед дека за проектот рудник за антимон ќе бидат потребни години за да се спроведат деталните геолошки истражувања. Најблиску до старт со работа беше инвестицијата за рудник за бакар во Иловица, но во последен момент поранешната Влада ја повлече Одлуката за спојување на концесиите, па сега проектот е во застој. Од компанијата инвеститор тогаш истакнаа дека реализацијата на планот за изградба на рударскиот комплекс „Иловица – Штука“ означува значителна инвестиција во износ од 340 милиони евра, со што ќе се зголеми БДП за 3% на годишно ниво и ќе се генерираат приближно 1.000 директни работни места во фазата на изградба и 500 директни работни места за време на работата на рудникот.

Back to top button
Close