Балтичките држави клоцаат големо куче
Во есента 1992, со несреќниот „Кингер“ на Борис Трајковски, придружуван од мала делегација на МНР полетавме во посета на Балтичките земји – Латвија, Литванија и Естонија. Посетата беше во духот на соработката меѓу малите држави, иако, во тој момент, малите држави не „вршеа работа“ околу нашето признавање, туку Брисел и Вашингтон кои, пак, беа блокирани од својот незгоден партнер Грција. Балтичките држави тукушто прогласија независност и почнуваа да се вклучуваат во меѓународниот систем на држави, почнувајќи од членство во ОН, па натаму. Спуштајќи се кон аеродромот во Талин влеговме во густа магла налик на тесто. Пилотот и копилотот, тука пред нас, вознемирено комуницираа меѓу себе, вртејќи страници од некаква книга и контактирајќи со контролната кула на аеродромот.

Одеднаш од позиција на пикирање кон пистата пилотот го сврти малиот авион директно кон небото, проследено со едно гласно УУУУУФФФФ на нас патниците.
Одново се најдовме над „тестото“, а вториот обид за слетување беше успешен. Како што разбравме подоцна контролорите на летот на аеродромот знаеле само руски но не и англиски, меѓународниот јазик во авијацијата.
Домаќините, почестени од нашата посета, не можеа да се изначудат што бараме пред зимата во услови на нафтено ембарго од Русија. Со пижами под оделото во студените простории на министерствата ги истерав протоколарните разговори кои не резултураа во ништо друго освен запознавање со маките на држави кои бараа меѓународно признавање. Приемот кај претседателот на Естонија, популарниот и умен Ленарт Мери, кој, токму тој ден се селеше во куќата определена за резиденција, почна со пресконување или заобиколување картонски кутии од различни димензии. На крајот од еден интелектуален разговор, без практични последици за нашите две мали држави (посебна категорија држави во меѓународните односи) Мери ми подари една книга насловена „Естонија“. Книга од огромни димензии кои се издаваа во социјалистичките држави на Источна Европа тогаш, а кои не знаете после каде да ги ставите зашто ниту една библиотека не ги собираше. Ја отвори книгата на една страница со фотографија на масовен собир во Талин под огромното пано со сликата на Ленин и со пенкалото, театрално, го прешкрта Ленин. Потоа со пријателска посвета на првата страница, ми ја предаде. Естонија, заедно со другите две балтички земји се ослободија од руската окупација, но, како што ќе видиме денес, 35 години подоцна, не се ослободија и од својата русофобија. Тие многу успешно се вклопија во Западниуот сојуз и бргу просперираа како членки на НАТО и на ЕУ. Денес, Естонија ја води надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Всушност, длабоко вкоренетата русофобија ја „естонизира политиката на ЕУ кон Русија“ после руската агресија врз Украина во 2022..Со ништо неиспровоцирана агресија, како што стана обичај да се опише од Западот, иако фактите зборуваат поинаку – дека руската инвазија е плод на серија долгогодишни провокации од колективниот Запад предводен од Америка.
Тие деведесетти, колега министер за надворешни работи Естонија ми ја кажува естонската поговорка :„Ако веќе мораш да клоцнеш куче, гледај да е малечко“. Но, времињата се сменија. Малите балтички држави, и Естонија пред се, неуморно ја клоцаат големота руска мечка со можни фатални последици по нивниот опстанок. Деновиве, веќе не се крие дека европските големи сили кои се во отворена војна со Русија, од територијата на балтичките земји, заеднички лансираат дронови длабоко во територијата на Русија. Ова, на крајот, може да резултира со прв напад на Русија кон земја членка на НАТО. Ако продолжат нападите прашњето ќе биде само дали на удар на руска ракета ќе биде некоја фабрика во Германија, Британија, Франција или трите балтички држави. Веројатноста дека изборот ќе падне на балтичките земји произлегува од естонската поговорка, дека ако Путин веќе мора да клоцне куче, ќе гледа да биде мало. Но, и во тој случај, светскиот мир ќе биде сериозно загрозен.Имено, на тест ќе биде ставен членот 5 од повелбата на Алијансата, дека напад на една земја-членка е напад на сите и дека тоа ќе значи инволвирање на Америка во конфликтот. Воинствената, ама очајно слабо верзираната во меѓународна политика, висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас,како да не ја знае поговорката на својот народ дека е опасно да се клоца големо куче . Држејќи се до меѓународното право,таа вели дека не разбира зошто Западот треба да разговара и да прави компромиси со Русија која е агресор. Затоа што, на крајот од нејзината приказна сите ќе бидеме кремирани, е кусиот одговор.






