Тошковски си се испофали: МВР по многу години има министер што е „нормален“!

 

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска ја брануваше јавноста во Собранието, изјавувајќи дека по цели две децении, Македонија конечно добила „нормален министер“ на чело на МВР, објави 4news.mk

Оваа негова самопофалба, која во собраниските кулоари беше протолкувана како директна глорификација на самиот себеси, автоматски ги стави во категоријата „ненормални“ сите негови претходници на функцијата – вклучувајќи ги Гордана Јанкулоска, Митко Чавков и Оливер Спасовски.

Наместо конкретни одговори на серијата пратенички прашања за безбедносните пропусти, Тошковски избра дефанзивен и по малку арогантен тон, тврдејќи дека МВР под негово водство бележи историски успеси.

„МВР дава најдобри резултати во изминативе 20 години и вие треба да се гордеете со тоа, а не да измислувате приказни. Вие не можете да прифатите дека конечно по многу години има министер што е нормален“, порача Тошковски од говорницата, завршувајќи со улична метафора: „…ќе видиме кој ќе се чеша на крајот на денот“.

Сепак, наспроти тврдењата за вонредна професионалност и „нормалност“, министерот се збуни и не знаеше да одговори дали неговиот колега од Владата, вицепремиерот Арбен Фетаи (кој со месеци не доаѓа на работа), користи полициско обезбедување. За ова прашање Тошковски кратко изјави дека „не водел евиденција“ и вети писмен одговор.

Ваквиот настап и коментарите на Тошковски за сопствената големина веднаш наидоа на остар одговор од опозицијата. Пратеникот Миле Талески, кој претходно побара оставка од министерот поради низа скандали (шпионската афера во Вила Водно, петте тони шверцувана дрога фатени во Србија и порастот на фемициди), доби поддршка од својот координатор.

Поранешниот министер за внатрешни работи и сегашен координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, отворено го критикуваше однесувањето на Тошковски и побара од него да покаже барем минимум почит кон институцијата пратеник.

„Пратениците се тука да поставуваат прашања и министерот нема право да укажува дали и кое прашање тие ќе го постават. Ве молам, одговарајте без навреди и без закани кон опозициските пратеници“, му реплицираше Спасовски на Тошковски.

 

Back to top button
Close