СДСМ: Уште 2 дена до неисполнување на ветувањето на Мицкоски, нема реформи, нема Груевски – има Стоилковиќ и Кина
Остануваат уште само 2 дена до 1 јуни, до кога Христијан Мицкоски јавно вети пред граѓаните дека целосно ќе ги исполни сите точки од Реформската агенда и обврските за продолжување на европскиот пат, соопштија од СДСМ.

„2 дена до уште едно неисполнето ветување на Мицкоски и уште една лага. Нема реформи, нема ниту документи за екстрадиција на Груевски и негово враќање во затвор, го има само Стоилковиќ и Кина кој стратешки работи против стратешкиот партнер САД.
Мицкоски лажеше за враќање на името, лажеше за поништување на Преспанскиот договор, лажеше дека е загрозен македонскиот идентитет, јазик и култура а денес лаже за Реформската агенда. За две години нецелосно заврши 2 точки, од 10, а останува незавршено и клучното, внесувањето на малцинствата во Уставот, обврска без која нема да се помрднеме од мртва точка.
Без тоа, нема продолжување на преговорите со ЕУ, нема отворање на следните поглавја, нема нови европски фондови, нема подобар животен стандард за граѓаните, нема ништо.
Сега Мицкоски нека ги внесе малцинствата во Уставот или нека излезе пред граѓаните и јавно да признае дека не сака членство во ЕУ.
Мицкоски и ВМРО-ОКГ ја туркаат Македонија во изолација, не сакаат ЕУ затоа што се плашат од европските правила, европското обвинителство и одговорност за криминалот и корупцијата“, се вели во партиското соопштение.






