Герсон Родригез прво засилување на Вардар за новата сезона

Најдобриот стрелец во историјата на луксембуршката фудбалска репрезентација Герсон Родригез е првото засилување на македонскиот шампион Вардар за новата сезона.
Триесетгодишниот напаѓач ги засили редовите на Вардар од тајландскиот второлигаш Канчанабури, откако претходно во кариерата настапуваше за десетина европски клубови, вклучувајќи ги Динамо Киев, Слован Братислава и Шериф Тираспол.
Родригез, како што објави попладнево Вардар, ставил потпис на едногодишен договор со можност за продолжување на соработката.
Роден во Португалија, Родригез дебитираше за репрезентацијата на Луксембург во 2017 година и со 23 голови на 75 натпревари е најдобар стрелец во историјата на оваа земја.






