„Од текстови против ЛГБТ-заедницата и феминизмот до кандидат за КСЗД“ , реакција од Мрежата за заштита од дискриминација
Мрежата за заштита од дискриминација изрази сериозна загриженост поради предлогот Исмаил Синани да биде избран за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), оценувајќи дека неговите јавно искажани ставови и професионално искуство отвораат прашања за неговата соодветност за функцијата.

Реакцијата следува откако собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата го предложи Синани за член на КСЗД.
Од Мрежата посочуваат дека во повеќе јавно достапни текстови, објавени во периодот кога Синани работел како новинар и уредник во медиуми на албански јазик, се изнесени ставови кои, според нив, содржат негативни квалификации за ЛГБТ-заедницата, феминизмот и родовата еднаквост.
Невладината организација смета дека ваквите ставови предизвикуваат сомнежи во однос на неговото разбирање на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата, што се основни принципи врз кои функционира Комисијата.
Дополнително, од Мрежата тврдат дека Синани не го исполнува законскиот услов за минимум седум години работно искуство во областа на човековите права, од кои најмалку пет години во областа на еднаквост и недискриминација. Како аргумент наведуваат дека во неговата биографија се споменуваат медиумски активности, соработка со граѓански организации и учество на настани поврзани со родови прашања, но без конкретни примери за професионална работа во областа на заштитата од дискриминација.
Во реакцијата се поставуваат и прашања до собраниската Комисија за критериумите според кои е извршена селекцијата на кандидатите, како и за начинот на кој е утврдено дека предложениот кандидат е најсоодветен за функцијата.
Од Мрежата го поздравија зголеменото ниво на транспарентност во постапката, откако Собранието ги објави листите на пријавени кандидати и оние кои ги исполниле формалните услови, но сметаат дека и понатаму недостигаат доволно информации за процесот на оценување и избор.
Ова е трет обид за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во последните неколку месеци, а постапката и претходно беше проследена со критики и дебати во јавноста.
Исмаил Синани досега јавно не се огласил по повод реакцијата на Мрежата за заштита од дискриминација.





