Македонски парадокс: Иднината ни е извесна, неизвесно ни е минатото
Денко Малески
Не е само уставот во прашање, ќе изјави македонската претседателка по разговорот со бугарската претседателка, давајќи , со доказ од прва рака, поддршка на политиката на премиерот и водач на партијата на македонските националисти.

Ете уште една причина зошто ќе треба „да се подготвиме за маратон“. Па, се разбира дека не е само уставот во прашање. Нашиот парадокс може да се изрази со мислата: иднината ни е извесна (колку што нештата можат да бидат извесни во меѓународната политика), таа е члентво во ЕУ. Неизвесно ни е само минатото.И така, одбивајќи дијалог за минатото,дијалог кој, признавам, носи и неизвесности за последиците по националната кохезија на Македонците, најдиректно ја губиме иднината. Истата грешка ја повторуваме втор пат и тоа на идентичен начин. Првиот пат со Грција и нашата теза дека ние а не Грцитее, сме наследници на Александар Велики, кому, во центарот на Скопје, му го изградивме најголемиот споменик во светот, а сега со ставот дека немаме никава врска со историјата на Бугарија.Тврдењето дека имаме „заедничко минато“, запишано во Договорот за пријателство и соработка, актуелната политичка гарнитура го смета за предавнички, па оттаму одбивањето таков разговор со соседот.
Како и Грците пред Преспа, така и Бугарите денес сметаат дека македонската страна ја фалсификува историјата. Наша страна смета дека тоа не е така зашто македонската историја нема ништо заедничко со бугарската. Па ако е така, нема што да се фалсификува. Но, вистината дека „секој народ ја пишува својата историја“ како и секој поединец својата биографија, не треба да се разбере баш буквално. И додека Грција не бркаше надвор од својата историска „територија“ а ние се туркавме внатре, денес се случува обратното со Бугарија. Затоа бегаме од она што Унијата ни го препорачува како решение со „францускиот предлог“ и со фамозниот втор протокол: преку дебата да дојдеме до решение во вид на историска интерпретација која се темели врз „објективни,автентични и докажани историски извори и документи“. Но, тоа не е можно зашто нашите историчари во Заедничката историска комисија и актуелното политичко раководство едноставно одбиваат да дебатираат за нешто што тие велат дека не постои: заедничка историја. Тоа дали одбивањето да се дебатира со другата страна е оддржлива позиција на подолг рок е прашање кое бара одговор. Во дигиталната ера на лесно достапни информации потребна е нова стратегија за одбрана и развој на македонската нација, сосема различна од онаа од ерата на Студената војна. Треба да а се усогласи одбраната на македонската нација со времето во кое живееме.Е, за тоа е потребно многу ум, многу труд и многу храброст.
Европскиот парламент, прифаќајќи го амандманот на Бугарија,вели дека:„Силно ја поттикнува заедничката експертска мултидисциплинарна комисија за историски и образовни теми на Бугарија и Северна Македонија, востановена со Договорот за добрососедство со Бугарија,да оствари јасни и опипливи резултати; текстовите треба да ја одразуваат интерпретацијата на историските факти и бројки од заедничката историја на двата народи базирана врз објективни, автентични и со докази базирани историски извори и документи,наведени во вториот протокол и договорот за Добрососедство со Бугарија“. Тоа е уште еден доказ дека исто онака како што ЕУ застана зад Грција и нивната а не нашата интерпретација на антчкото минато, така и денес таа е зад Бугарија и бугарското толкување на заедничкото минатото со Македонците. Дали е причината за ваквиот нивен став во „железниот закон“на меѓународната политика дека сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки? Делумно да, но главно заради фактот што вистината им е важна. Во таа смисла, исто онака одлучно како што застануваат во одбрана на македонскиот идентитет и јазик денес, членките на Унијата застанаа зад Бугарија околу темата за заедничко минато меѓу Македонците и Бугарите.Зашто и тие имаат историчари кои ги советуваат нивните политичари за историски теми од Балканот. Овој факт треба да го имаат и нашите политичари како и нашите историчари. Всушност, тука е каменот на сопнување и формулата за помирување меѓу нашите два народи. Актуелната формула која гласи: нема заедничко минато, од наша страна, и нема македонска нација (што го прави официјална Софија индиректно , со негирање на македонскиот јазик), е иазворот на нашите недоразбирања.






