Кревката Маја Санду посилна од балканските „горостаси“

Успехот на претседателката на Молдавија да се справи со жестоката хибридна војна од Русија и да ја постави државата на европскиот пат ѝ носи признанија од сите страни. Таа не се жали, туку има силна волја и знаeње. Пишува Љупчо Поповски.

Точно пред три години на ова исто место го објавивме текстот „Молдавија или Македонија: Кој ќе влезе во ЕУ во 2030?“. Се разбира, прашањето беше повеќе реториричко, но суштината на текстот беше какви чекори презема поранешната советска република (која е на задната линија на фронтот на војната во Украина) и како е заглавена Македонија една година по усвојувањето на „францускиот предлог“.

Тогашниот амбасадор на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, таа недела кога беше објавен текстот во интервју за ТВ 21 отворено кажа што ќе значи неспроведувањето на уставните измени. „Што ако државата не го направи тој чекор и не ги воведе уставните промени? Тогаш процесот ќе биде во застој, скринингот ќе прекине и преговорите нема да напредуваат. Тоа значи дека сте ја пропуштиле шансата, но некои други ќе ја искористат и ќе ѝ се приклучат на ЕУ“, рече Гир.

Македонските геоцентристи тогаш си го поставуваа прашањето – кои други би можеле да ја искористат шансата, ако не се Црна Гора и Албанија. Уште тогаш можниот одговор не требаше да се бара во соседството, туку на североисток – во Молдавија, земјата која многу страда од војната на нејзините граници, која има една отцепена област, Приднестровје, каде што има стационирани над илјада руски војници кои се таму уште од првите години по распадот на Советскиот Сојуз и конфликтот во регионот. Политичкиот развој на настаните често знае да не ги следи параметрите на логиката која ја следат македонските геоцентристи.

Овие геоцентристи гледаа на големиот самит на Европската политичка заедница што се одржа на 1 јуни 2023 во близината на Кишињев како на егзибиционизам на ЕУ и посебно на Емануел Макрон (архитектот на оваа идеја) за лидерите да расправаат за некаква нејасна иднина. Така е со геоцентризмот – тој не може да види ништо што се случува малку подалеку од сопственото јадро. Ниту, на пример, го интересираше дека целата логистичка и безбедносна операција на самитот во Кишињев беше организирана од Франција.

И најважно дека овие геоцентристи не можат да видат дека ситната, навидум кревка, но со силна волја и решителна претседателка на Молдавија, Маја Санду, има широки и неподелени симпатии за реформите што ги спроведува нејзината влада. За тоа што се бори со поплавата на руски дезинформации, агентура и потпалување на проруски чувства и што нејзината земја прими најголем број украински бегалци по глава на жител во Европа.

Опозицијата во Молдавија работи за Москва

Кога во понеделникот, на 15 јуни, Украина и Молдавија официјално ги почнаа преговорите по кластери со ЕУ (отворајќи го првиот „Фундаменти“) малку луѓе во Македонија се прашуваат или истражуваат што е толку фасцинантно што направила Молдавија за да стане „миленик“ на ЕУ. Или како кревката Санду е посилна од балканските „горостаси“, па и овие во Македонија.

Ден подоцна македонскиот премиер Христијан Мицкоски се обиде да го релативизира на прилично неумешен начин успехот на Украина и Молдавија и да го оправда ќор-сокакот во кој се наоѓа Македонија. Тој рече дека напредокот на Киев и Кишињев не бил поради заслугата од работата на нивните влади, туку туку тоа било поради тоа што опозицијата во тие земји не работела против интересите на државата.

За Мицкоски било проблематично што Украина и Молдавија одат напред, а не ги контролираат целосно териториите на своите држави, за разлика од Македонија.

„Разликата помеѓу овие две земји и нашата е тоа што ние ја контролираме целата држава и немаме такви проблеми какви што имаат тие и кај нив опозицијата не работи против своите граѓани и против својата влада, не ја кодоши сопствената влада и не работи за интересите на туѓи влади кои имаат поинакви интереси, како што е случајот кај нас“, рече Мицкоски.

Премиерот веројатно има претстава дека и Кипар не ја контролира целата територија на земјата (во неговиот источен дел каде има непризнаена држава има неколку десетици илјади турски војници кои се таму уште од пропаднатиот државен удар во 1974), но сепак стана дел од ЕУ во 2004 и сега претседава со Унијата. Мицкоски веројатно има и претстава за проруските актери кои ја поткопуваат безбедноста на Молдавија и го деморализираат општеството. Но добро е домашниот неуспехот да се префли на други територии и на други актери.

Nordmazedonien Regierungsjubiläum Hristijan MickoskiNordmazedonien Regierungsjubiläum Hristijan Mickoski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW
Како Маја Санду успеа да ја донесе Молдавија на главниот перон на станицата каде што одат возовите кон ЕУ?

Таа стана претседател на крајот на 2020. Беше основач и поранешен лидер на центристичката и проевропска Партија за акција и солидарност. Неколку месеци беше премиер во 2019 пред на нејзината влада да ѐ биде изгласана недоверба. На претседателските избори во ноември 2020 го победи тогашниот шеф на државата, Игор Додон (чија платформа беше не за ЕУ, не за Русија туку за Молдавија). Четири години подоцна победи силен проруски играч, поранешниот главен јавен обвинител Александар Стојаногло.

Во овие пет и пол години Санду успеа да го трансформира молдавското општество во проевропска јавност и да победи на три клучни гласања – два пати на парламентарни избори и на референдумот членството во ЕУ да биде внесено во уставот.

Референдумот за уставната промена беше успешен со изјаснување кое беше на острицата на жилетот. Анектите пред изјаснувањето покажуваа дека резултатот ќе биде негативен. И резултатите беа такви сѐ додека не почнаа да пристигнуваат резултатите од гласањето во дијаспората.

Опцијата „за“ ја избраа 45 отсто од гласачите што живеат во Молдавија, но дури 77 отсто од молдавските граѓани што живеат во странство. На крајот, дијаспората беше одлучувачка за членството во ЕУ да биде запишано во уставот. Во бројки тоа беше: 749.000 „за“ и 739.000 „против“. Ова е специфичен пример за разлика од некои други држави – Молдавците што живеат во странство се анблок за членство на земјата во ЕУ.

Ова се фактите и бројките. Железната волја на Санду и политичката умешност, која ѐ донесе огромни симпатии во Европа, беше во борбата да се справи со неверојатната хибридна војна со дезинформации од Русија за да се поткопа европскиот пат на Молдавија и за што Кремљ вложи десетици милиони долари.

Лани во септември Молдавија ги одржа можеби најзначајните парламентарни избори од независноста. Земјата се соочи со тежок геополитички избор помеѓу продлабочување на европската интеграција и преориентирање кон Русија. Опозицијата работеше сосем поинаку од она што го тврди Мицкоски. Таа беше на линијата на интересите на Москва, а против европските траектории на владата.

Партијата на Санду, ПАС, сепак обезбеди мнозинство што сега ѝ овозможува да владее сама. Алатките на Кремљ за Молдавија комбинираа прикриено политичко финансирање, оркестрирани протести, информативни операции и сајбер-активност, честопати преку мрежи поврзани со олигарсите кои имаат големи врски со Русија. Меѓународните набљудувачи ги оценија изборите како засенети од невидени хибридни напади, вклучувајќи странско мешање, нелегално финансирање и дезинформации од големи размери. Многу гласачи, дури и оние кои беа фрустрирани од управувањето, сметаа дека мора да изберат помеѓу Европа и Русија.

Не беше изненадувачки што во главниот град Кишињев ПАС обезбеди мнозинство од 52 проценти. Но беше изненадувачки што во изразито проруското Приднестровје дури 30 отсто од гласовите обезбеди партијата на Санду. Тоа покажа дека дури и меѓу електоратите изложени првенствено на руски контролирани наративи, постои подготвеност да се разгледа европскиот пат, особено кога алтернативата е нестабилност. Но во туркофонската Гагаузија проруските наративи беа апсолутно доминантни.

Првото оружје беше лагата

 

За да ви биде појасно со какви руски кампањи со дезинформации се соочуваше Молдавија на овие избори ќе пренесеме дел од обраќањето на Маја Санду на Парискиот мировен форум во октомври 2025. Таму таа беше една од главните политички ѕвезди. И на обраќањето пред претседателот Емануел Макрон и други европски лидери Санду зборуваше со јазик кој не го знаат македонските врвни политичари. А можеби и не сакаат да го научат.

Маја Санду, меѓу другото, го рече и ова:

„Пред првата ракета да ја погоди нашата соседна Украина, првото оружје беше лагата. До моментот кога тенковите ја преминаа границата, темелите беа поставени: самото право на постоење на Украина беше исмејувано и беа вложени сите напори за да се замагли линијата помеѓу агресорот и жртвата.

Молдавија не е странец во информациската војна на Русија. Но, од целосната инвазија на Украина, манипулацијата со вистината достигна застрашувачки нови нивоа. Бидејќи Молдавија одби да застане на страната на агресорот, Кремљ започна жестока кампања за поткопување на довербата во молдавската држава – да го дискредитира раководството, да ги подели нашите граѓани и да ги исплаши со идејата дека ако Молдавија застане со Украина и со Европа, ќе ја сподели судбината на Украина.

Тој страв – стравот од војна – стана моќна алатка за манипулација, користена одново и одново во текот на изминатите три избори.

Руската манипулација со информациите оди уште подалеку – таа се стреми да ја еродира јавната поддршка за сопствената безбедност и одбрана на Европа. Целта е да ги убеди граѓаните дека инвестирањето во заштита е провокација, дека силата е ескалација. Додека Русија води воена економија и води хибридна војна против многу нации, таа сака европските демократии да бидат разоружани – политички, економски и ментално.

На нашите парламентарни избори минатиот месец, Русија користеше дезинформации за да ја поткопа довербата во слободното и фер гласање и на крајот да ја освои власта во Молдавија.

Многу е јасно: руската пропаганда не е збирка случајни објави или бучни водители на ток-шоуа. Тоа е стратешка операција – оркестрирана кампања од авторитарен режим за нарушување на демократијата во странство, кородирање на јавната доверба и манипулирање на изборите во демократските држави. Ги искористува сите разлики – јазик, етничка припадност, географија, историја – претворајќи ја различноста во поделба, соседите во непријатели.

И пропагандата не доаѓа сама. Таа е дел од поширока хибридна стратегија што оди многу подалеку од дезинформациите. Таа е поттикната од нелегални пари. За време на нашите парламентарни избори во 2025 година, мрежите поврзани со Русија ги користеа Телеграм, ТикТок, Фејсбук и Инстаграм за да ги преплават молдавските корисници со измислени вести, длабоки лаги и координирана пропаганда. Трол фармите што работат во Молдавија генерираа десетици милиони прегледи.

Мора да ги следиме парите. Ако парите се валкани, тие не можат да се третираат како вообичаено. Слободата на говорот е за вистински луѓе – не за армии од ботови. Демократиите мора експлицитно да ги исклучат лажните или нечовечките субјекти од заштитата на слободата на говорот, особено за време на изборите. И бидејќи хибридните закани не запираат на шенгенската линија, Европа мора да расте – проширувањето не е милосрдие, туку е безбедност“.

На истиот Париски мировен форум беше и македонската претседатeлка Гордана Сиљановска-Давкова. Таа зборуваше на еден помал панел, и според соопштението на нејзиниот кабинет, учествуваше на сесијата посветена на младите и европската перспектива на Балканот.

„Регионалната соработка за мене е неверојатно важна. Не може да избегаме од регионот, тој ни е судбина, ова важи не само за нас кои сѐ уште чекаме да станеме кандидати или да ги завршат некои држави преговорите со ЕУ, но и за оние коишто веќе се во ЕУ, а припаѓаат на нашиот регион. Она што е чудно е што во 2019 година беа сменети правилата на играта среде игра, што е невообичаено ни за спортски натпревари, ниту пак во политички преговори, бидејќи беше воведена нова методологија“, ги наведе нејзините зборови кабинетот.

Секој политичар има право да го одбере речникот и поентите во своето излагање. И тука нема забелешки. Но ако се споредат обраќањата ќе ги забележите драматично различните ракурси.
В понеделник на 22 јуни, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ќе бидат домаќини на вториот самит ЕУ-Молдавија. Заедно со претседателката Маја Санду тие ќе го разгледаат значајниот напредок постигнат во односите ЕУ-Молдавија и ќе разговараат за следните чекори во процесот на пристапување на Молдавија во ЕУ по отворањето на преговорите.

Од почетокот на 2021 година досега во Молдавија се слееја 2,2 милијарди евра во кредити и грантови од ЕУ. Од Агендата за реформи на Молдавија во рамките на Планот за раст, веќе се ослободен 504 милиони евра од фондовите на ЕУ. Во 2024 година, Европската унија одобри невиден финансиски пакет од 1,9 милијарди евра за поддршка на Молдавија во нејзините подготовки за членство во ЕУ. Планот за раст на Молдавија има за цел да ги забрза основните реформи, да ја поттикне националната економија и да обезбеди постепен пристап до единствениот пазар на ЕУ.

Европската комисија во март ѝ исплати 189 милиони евра на Молдавија во рамките на Инструментот за реформи и раст откако земјата успешно заврши 24 реформи. Од вкупниот износ, 173 милиони евра ќе бидат платени директно во државниот буџет на Молдавија, а 16 милиони ќе бидат поддржани од проекти преку Платформата за инвестиции во соседството. Во 2025 година, на Молдавија ѝ беа исплатени 289 милиони евра.

Оваа недела Молдавија го почна долгиот европски пат. В понеделник кондуктерите (Кошта и Фон дер Лајен) ќе ѝ дадат нови билети на Санду за европскиот воз. Нејзината насмевка секогаш е скромна, а волјата челична. Никогаш не е на одмет да се учи од успешните.

Back to top button
Close