Најстара одлука за македонското малцинство во Бугарија-2006

Откако македонската влада на премиерот Христијан Мицкоски не успеа да ја протурка идејата во ЕУ за промена на преговарачката рамка, а потоа ни за одложено дејство на уставните измени, еден од адутите што последнава година го вади јавно на маса (а веројатно и на затворените разговори со европските лидери) е барањето да се признаат барем неколку одлуки на Судот за човекови права во Стразбур што се однесуваат за правото на здружување на македонското малцинство во Бугарија.

Тоа барање оди во тандем со гаранциите дека понатаму во преговорите, по впишувањето на Бугарите во уставот, нема да има нови вета или други пречки поврзани со идентитетски и јазични прашања. И ќе има предвидливост на процесот.

 

Втората работа изгледа прилично тешко да се вети, затоа што не постои механизам да се направи тоа. И кој би го направил и усвоил. Првото барање може да изгледа поизводливо, иако и тоа е комплицирано затоа што не се работи за ЕУ, туку за Советот на Европа. Во исто време е контроверзно затоа што Мицкоски е подготвен, како што вели самиот, Северна Македонија да чека со децении за остварување на правата на македонското малцинство во Бугарија, а во втор план да ги стави граѓаните на државата која ја води.

Комплицирано е според една клучна причина – Бугарија е во самиот врв на Европската унија по бројот на неспроведени одлуки на Судот во Стразбур. Случаите со правата на македонското малцинство се само дел од овој брег. Многу повеќе има за повреди на човекови права, слобода на известување, правата на трансродовите лица, малтретирање во притворски услови…

Во извештајот за 2025 година на Democracy Reporting International (ДРИ), во соработка со Европската мрежа за имплементација (ЕИН) и финансиран od Stiftung Mercator за земјите-членки на ЕУ се вели дека тие постојано не успеваат во целост да ги спроведат пресудите и од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и од Судот на правдата на ЕУ (СПЕУ). Во извештајот се вели дека 650 водечки пресуди на Судот во Стразбур чекаат на целосна имплементација и дека тоа ја поткопува демократијата и владеењето на правото во ЕУ. Извештајот е и така насловен: „Правдата е одложена и правдата е одбиена“.

 

„Многу сериозен проблем“ во Бугарија

Пет земји се сместени во графата „Многу сериозен проблем“. Најдолу на листата е Романија со 111 неспроведени водечки пресуди, над неа Бугарија со 89, па Италија со 74, Полска со 52 и Унгарија со 47. Со тоа што Бугарија е рекордер во ЕУ за просечно времетраење на имплементацијата на пресудите – 7 години и три месеци. И тоа времетраење за имплементација е зголемено последниве година-две. Во десет земји од ЕУ има водечки случаи кои чекаат на имплементација од 15 до 24 години. Меѓу нив е и Бугарија.

Во тие случаи од „античко време“ Democracy Reporting International во извештајот за 2024 година се занимаваше посебно за имплементација на пресудите на Судот за човекови права за македонското малцинство во Бугарија. Најстариот случај за македонското малцинство чека на имплементација уште од 2006 година!

Во извештајот се наведуваат случаите за регистрирањето на здруженија на ОМО „Илинден“ и други здруженија на македонското малцинство во Бугарија. Во извештајот особено се нагласува: „Неоправдани одбивања да се регистрираат здруженија кои ги претставуваат малцинствата („ОМО ‘Илинден’ и други против Бугарија“), кои се во очекување на имплементација од 2006 година“.

Во посебен оддел се наведени пресудите кои не ги имплементира официјална Софија, одлуките на Комитетот на министри на Советот на Европа, како и министерските одговори на бугарските власти.

Во опишувањето на случаите и пресудите на Судот во Стразбур се вели:

 

„Овие случаи се однесуваат на одбивањето на националните судови, помеѓу 1999 и 2015 година, да регистрираат здруженија чија цел е да се постигне признавање и заштита на интересите на ‘македонското малцинство во Бугарија’. Одбивањата беа засновани на размислувања за националната безбедност, заштита на јавниот ред и правата на другите (цели насочени кон ‘признавање на македонското малцинство’ и наводни сепаратистички идеи) и за уставната забрана за здруженија кои остваруваат политички цели, како и неисполнување на формалните законски барања, сите за кои Европскиот суд утврди дека е неоправдано и непропорционално мешање во правото на слобода на здружување, inter alia бидејќи здруженијата жалители не се залагале за употреба на насилство или други недемократски средства за постигнување на нивните цели. Судот најде дека иако некои од целите на здруженијата беа означени како ‘политички’ тоа не беше доволна основа за одбивање на регистрацијата. Судот истакна дека домашното право нема да дозволи здруженијата да учествуваат на изборите и дека затоа нема ‘итна општествена потреба’ да се бара од нив да се регистрираат како политичка партија (повреда на член 11)“.

Понатаму во извештајот се додава дека Комитетот на министри на Советот на Европа го испитуваше извршувањето на оваа група случаи за време на неговиот 1592. состанок (12–14 март 2024 година). И се вели:

„Тој изрази жалење поради фактот што, повеќе од 17 години по првата правосилна пресуда во оваа група, на здруженијата кои имаат за цел ‘да го постигнат признавањето на македонското малцинство’ и понатаму рутински им се одбива регистрација, главно поради поширокиот проблем на неодобрување на нивните цели, и се соочуваат со постојана практика на властите да подигнуваат нови основи за одбивање во текот на повторените прегледи на документите за регистрација.

Тој ги повика властите да преземат решителна акција за да обезбедат испитување во согласност со Конвенцијата на секое ново барање за регистрација на здруженијата апликанти или на здруженија со слични цели. Комитетот ги повика да ја конкретизираат и да ја прошират својата намера да размислат за понатамошни напори за подигање на свеста, меѓу другото и преку пренесување на редовни пораки на високо ниво, како до јавноста, така и до засегнатите страни. Исто така, силно ги повика повторно да ја прошират обврската на Агенцијата да дава упатства за поправање на документите за регистрација и да се осигурат дека дефектите во досието се исцрпно идентификувани. Комитетот дополнително го покани претседавачот на Комитетот на министри да испрати писмо до неговиот бугарски колега, во кое се истакнува потребата да се изнајдат брзи решенија за извршување на пресудите во овие случаи“.

 

Одбиените барања на ОМО „Илинден

Во извештајот се наведуваат и случаите по 2018 година кога не била дозволена регистрацијата на здруженијата.

„Има три барања за регистрација на ОМО ‘Илинден’ кои биле одбиени: на 1 јули 2022, на 6 февруари 2023 и на 23 јануари 2024. Одбивањата на административната Агенција се дека целите сугерираат волја за ‘негување различен национален идентитет кај дел од бугарското население’, а со тоа биле насочени кон поделба на нацијата, создавајќи предуслови за тензии врз основа на етничка основа и го загрозуваат територијалниот интегритет на земјата. Или дека целите на ОМО ‘Илинден’ не соодветствуваат со приватно здружение”.

Во извештајот се наведува дека на 8 март 2022 одбиена е регистрацијата на здружението „Репресирани Македонци жртви на комунистичкиот терор“ (имало пропусти во статутот). Со слични одлуки е одбиена регистрацијата и во септември 2022 и јули 2023 година.

Се наведува и дека е одбиена регистрацијата на „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ во 2021.

Извештајот се осврнува и на затворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград на 7 февруари 2023. „Агенцијата ја одби регистрацијата поради нејасност во одредени делови од статутот и незаконитоста на целите, кои изгледаа политички и имаат за цел да се признае македонско малцинство. На 2 август 2023 година, Апелацискиот суд во Софија го потврди одбивањето, осврнувајќи се главно на формални неправилности: (i) записникот од основачкиот состанок не го навел точното време и местото на одржување; (ii) статутите не предвидувале јасни правила за престанок на членството и решавање на имотните односи (iii) застапувачката моќ на претседателот на управниот совет ја одредува генералното собрание на здружението (а не управниот совет, како што е предвидено со закон). Во светлината на овие заклучоци немаше потреба да се оценуваат целите“, пишува во извештајот.

Се наведуваат и други примери за одбивањето на бугарските власти да ги регистрираат здруженијата на македонското малцинство и во заклучокот, меѓу другото, стои:

„Повеќе од 17 години по првата правосилна пресуда во оваа група и покрај различните мерки усвоени од бугарските власти помеѓу 2018 и 2023 година за подобрување на функционирањето на механизмот за регистрација формиран во 2018 година, здруженијата кои имаат за цел ‘да го постигнат признавањето на македонското малцинство’ продолжуваат да бидат рутински одбивани за регистрација врз основа на кои се отвораат сериозни сомнежи во однос на капацитетот на овој механизам да обезбеди испитувања во согласност со Конвенцијата на барањата на апликантите“.

 

Поминаа 20 години, ќе поминат ли уште 20

Дали ова однесување на бугарските власти може да се промени по ваквите извештаи или по барањата на македонската влада. Тешко е да се каже. Тука ни Комитетот на министри не може да направи нешто посебно. Според анализата на ДРИ, Комитетот на министри секоја година затворал помалку водечки случаи отколку што добил за надзор во однос на земјите-членки на ЕУ и генерално било полесно да се затворат новодоставени случаи отколку постари водечки пресуди што идентификуваат сложени или структурни проблеми. ДРИ оценува дека постојаниот неуспех целосно да се решат долгогодишните структурни проблеми – честопати групирани околу истите чувствителни теми – продолжува да го загрозува владеењето на правото во засегнатите држави и да генерира нови повторувачки апликации, поткопувајќи го владеењето на правото и ефикасноста на системот на ЕСЧП како целина.

Случајот се третира како имплементиран само кога Комитетот на министри ќе усвои Конечна резолуција, т.е. откако сите потребни општи мерки целосно ќе се справат со основната причина за повредата; во спротивно, слични прекршувања се повторуваат и нови повторувачки апликации стигнуваат до Судот.

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) е основан во 1959 година според Европската конвенција за човекови права. Судот е дел од Советот на Европа и игра витална улога во заштитата на човековите права, основните слободи и владеењето на правото низ Европа. Иако одлуките на судот се обврзувачки, постојат предизвици со извршувањето, бидејќи имплементацијата се потпира на волјата на националните влади. Затоа што нема принуден механизам националните влади да го сторат тоа.

Во случајот со правото на здружување на македонското малцинство во Бугарија тоа се покажува на еклатантен случај. Дали македонските власти ќе се држат до овој став за имплементација на пресудите од Стразбур за државава да продолжи на европскиот пат е прашање на кое сега нема одговор. Поминаа 20 години од првата пресуда за ОМО „Илинден“, а кој знае дали ќе треба да се чекаат уште 20 години.(dw)

Back to top button
Close