ЈО: Насилна е смртта на жената од Таор, за убиството осомничен поранешниот сопруг


Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје и екипи на Министерството за внатрешни работи, ноќеска вршеа увид на тешко пристапна шумска локација во близина на селото Летевци, каде беше пронајдено безживотно тело на жена од Таор. Жената била пријавена за исчезната во петокот, по што беа преземени дејствија за нејзино пронаоѓање, информираа попладнево од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

– Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатата, при што потврдено е дека смртта е насилна. Под сомненија за сторено кривично дело, лишен од слобода е поранешниот сопруг на жртвата, а задржани се и тројца негови пријатели. Се преземаат дејствија за целосно расчистување на настанот – појаснија од ЈО.

Од МВР информираа дека денеска е лишен од слобода С.Г., на возраст од 51 година, со престојувалиште во скопско Таор, поради постоење основи на сомнение дека ја убил 48-годишната Ж.Г.

– На 26 јуни 2026, С.Г. пријавил во полициска станица дека од домот се оддалечила Ж.Г., со која живееле во иста куќа, а следниот ден пријавил дека ја пронашол почината Ж.Г. во близина на село Летевци, скопско. На местото излегле полициски службеници и јавен обвинител, по што телото, кое било во фаза на распаѓање, по наредба на јавен обвинител е предадено на судска медицина за обдукција. Со С.Г. е извршен службен разговор и тој е лишен од слобода, а во врска со случајот лишени се од слобода и З.М.(62), Г.Б.(64) и М.Д.(69) – информираа од МВР.

Оттаму соопштија дека во координација со јавен обвинител, се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот. бд

Back to top button
Close