ФИФА сака да заработи на секој начин – ќе продава трева од стадионот на кој ќе се игра финалето на Мундијалот

ФИФА во пресрет на финалето на Светското првенство, кое ќе се одигра на 19 јули на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, понуди на продажба делови од тревникот на кој ќе се игра натпреварот за титулата.
Секое парче од тревната подлога се продава по цена од 450 американски долари. Во официјалната продавница на ФИФА е наведено дека примерокот има димензии 17,5 × 17,5 × 17,5, но без дополнително објаснување дали станува збор за сантиметри, инчи или милиметри.
Во описот на производот се наведува дека станува збор за автентичен дел од теренот на финалето на Светското првенство 2026, трајно зачуван во висококвалитетен акрил, заедно со УСБ-меморија како сувенир.
„Поседувајте автентичен дел од фудбалската историја со оригинално парче од теренот на финалето на Светското првенство 2026, трајно зачувано во врвен акрил со УСБ-спомен“, стои во описот на ФИФА.
Од светската куќа на фудбалот додаваат дека секој примерок содржи оригинален фрагмент од тревникот на финалниот натпревар и е наменет за колекционери, навивачи и љубители на фудбалот. Исто така, УСБ-меморијата вклучува и сертификат за автентичност.
ФИФА информира дека производот ќе се испорачува само на адреси во САД и Европа, а нарачките нема да бидат испратени пред завршувањето на финалниот натпревар.
Во меѓувреме, тревната подлога на стадионот „МетЛајф“ веќе беше предмет на критики од играчи и тренери, бидејќи на овој стадион, кој е дом на НФЛ-клубовите Њујорк Џајантс и Њујорк Џетс, вообичаено се користи вештачка подлога. Покрај сувенирите, ФИФА во продажба ги пушти и редовните билети за финалето, чија цена достигнува до 32.970 долари.
Извор: slobodenpecat.mk






