Светот без Американа, и светот без свет

Прашањето е малку патетично, со оглед на тоа дека Европската Унија го изгуби таквото партнерство со САД на зачудувачки брз начин, градено од Втората светска војна наваму. Но, ако за ЕУ тоа е предизвик од кој може да излезе посилна, за нас тоа е посебно болно и опасно.

На стратешките односи со Америка Македонија ја градеше својата независност од 1992 година, а и внатрешната кохерентност, посебно во односите со албанската заедница.

1. Американците доживуваат пад на демократските и либералните капацитети во внатрешната политика и „гранде“ повлекување од позицијата на светски лидер во меѓународните односи и надворешната политика.

Тоа го прават како гест на изборната политика на авторитарност, бела супремација, историски ревизионизам и изолационизам, кој пак е комбиниран не само со засилениот антимултилатерализам, туку и со катастрофални воени екскурзии.

Администрацијата која ја води оваа политика на Доналд Џ. Трамп тоа го прави со напад на основните пилари на американскиот либерален и демократски мит.

Некои автори тоа го толкуваат како антиуставен пуч, други како ДНК на американската политика од самите почетоци, која била повлечена во втор план, но никогаш не исчезнала: бела супремација, расизам и религиозен бел екстремизам. Тоа го тврди Нехиси Коате, нудејќи поларизација во американското општество која мора да се случи и да се соочи, а таа лежи во системскиот расизам.

Но, прашањето пред таа нова реалност-на-падот е огромно, запрепастувачко и троа нејасно: како е можно некоја империја така доброволно да тргне кон самоукинување, да се повлече (независно од агресивната и неумерената реторика на нивниот лидер), да ја напушти супериорната позиција на светски лидер и економски корисник од таа позиција, верувајќи ѝ на плитката политичка реторика дека САД се пљачкани од сите други, плаќале за сите други, биле ограничени во својата моќ од мрежите на меѓународното право и организации и дошло време сите тие да се отфрлат и да се врати кон корените на американскиот изолационизам, самодоволност и посебност?

Оваа реторика е стотина пати демонстрирана како лажна и штетна за самата Америка, бидејќи ја става државата забрзано во ситуација на апсолутен губитник во однос на Кина, Русија, ЕУ, Индија, а сега гротескно и на Иран.

Да се вратиме на запрепастувачкото прашање: како

најбогатата империја во историјата, САД;

со најдобра меѓународна мрежа на пријатели и сојузници (ЕУ и Пакс Американа);

со најдобри универзитети, институти, истражувачки центри за развој;

со најдобар млад и стар социјален капитал во таленти и научници;

конечно, со најдобра компетитивна економија и финансии;

одлучува сето тоа да го отфрли, а некои од наведените вредности директно да ги нападне и дисквалификува како (woke)… создавајќи тотална неизвесност во сопствената надоаѓачка економска криза и неизвесен дебаланс и кризирање на меѓународните односи – само заради магливата и суштествено неточна, параноична идеологија на загрозеноста на „белата култура и историја“ и спас да бара во авторитарност и затворање?

1.1 Процесот на повампирување на Кланот почнува со позајмување на неговата кратенка „Америка на прво место, Америка пред сѐ, Направи ја Америка повторно голема“ и сл. од 50-тите, а потоа во серија под напад доаѓаат основните столбови на кои е граден американскиот слободарски и демократски мит, односно американскиот сон:

владеење на правото и конституционализмот (судовите);

независните тела и институции (посебно Федералните резерви);

универзитетите и истражувачките центри, правејќи ревизија на историјата во нивните силабуси (ревидирајќи ја историјата на Афро-американците, ропството, Граѓанската војна и имигрантите);

човековите и малцинските права и либералните традиции;

сите американски сојузи и сојузници;

енвироментализмот.

Сето тоа создава системски непредвидливи ризици.

Политичкиот метод со кој тоа се прави е создавање на „општество-после-вистината“, каде беспримерната лага и манипулација, лажните вести, пропагандата и репресијата или, со зборовите на Банон, „…потопување во долина на лајната…“ востановуваат само едно место на изговорена верба – устата на лидерот и МАГА-друштвото. (*Ако лагата во политиката, која знае да биде честа, оспорува една конкретна вистина во однос на поширокото признавање на вистината како валидна, post-truth society негира дека постои воопшто вистина како вредност, дека таа, иако постоела некогаш, сега е надмината, дека е предмет на договарање и убедување и нејзиното значење е надминато.)

Најтоксични и, по процена на експерти, тешко повратни се промените во редистрибуцијата, поделбата на властите засновани со Уставот и добрата практика, уште од основачите до денес, односно вчера.

Редистрибуцијата на овластувањата во рацете на извршната власт, односно претседателот, го нарушува републиканскиот либерален модел и влече кон хибриден авторитарен систем. Ова е засилено со целосна персонализација на обвинителството за осветнички прогони на политичките противници и создавање на полуприватна гарда, во маскираното лице на ICE со поголем буџет од ФБИ.

Гет Паркер и Џонатан Фредланд (Гардијан) се согласуваат дека ревидирањето на овие промени е мошне комплицирано и тешко, бидејќи бара одлуки на Конгресот и Сенатот и согласност на парламентарните тела на државите, што е долг и неизвесен процес.

Втора политичка деструкција е подигањето на корупцијата на сосема ново структурално ниво, поврзана со фамилијата на Трамп и клиентелата околу него. Запрепастувачки е да се слуша и сведочи во земја која беше светилник на владеење на правото и независноста на судовите, со понекогаш и претерано чистунски решенија на политичка и финансиска коректност на избраните политичари – како со внатрешно тргувани информации клиентелата околу претседателот (неговото лично богатство од 1,6 милијарди пред функцијата сега се проценува на 6,5 милијарди долари) и тој лично купува акции на компании кои утре стануваат државни снабдувачи со воена или друга опрема…; купуваат акции во нафтени конзорциуми денови пред да биде објавена војната со Иран, тргуваат со биткоин валутата и сл. во серија. И сето тоа станува ебано нормално и живливо?

Ако ова е правната токсичност, зад неа постои една расна, идеолошка токсичност која уште повеќе запрепастува!

Целата анти-имигрантска, анти-црнечка архитектура има две глобални теченија: ревизија на историјата инспирирана од концептот на „крв и земја“ – бела, екстремно христијанска доминација и законска негација на државјанството со раѓање (ius soli, birthright citizenship). Последнава, чии архитекти се ликовите на Милер и Банон, е конкретизирана со Извршната наредба 14160 на Трамп за одрекување на автоматското стекнување државјанство за деца родени од родители без регулиран престој и временски визи. Наредба следена со расна реторика за чиста и нечиста крв, за тоа дека мигрантите ја трујат американската крв (Трамп), а базирана на една стара интерпретација, всушност одлука на Врховниот суд од 1846 (случајот „Дред Скот“) за законите од времето по укинувањето на ропството, која пресудува дека ослободените робови немаат граѓански права како белите Американци и на нив не се однесува Декларацијата за правата.

Застрашува можноста оваа расна ујдурма да се извлече од подрумите на американската надмината мрачна историја и да се актуализира, за да има поддршка денес.

Тој шоков удар, таа промена се случува премногу лесно и многу бргу, земајќи ја предвид Америка и нејзината историја, или нам, „возљубените“ проамериканци, само така ни се чини.

Професорот Џон Стенли, кој си отиде од САД и сега предава во Монтреал, вели дека тој процес е неповратно направен во Америка. Дека е помината линијата после која не може да има промена кон центар или кон лево, да се ревидираат работите и да се вратат на старата демократска илузија. Најзастрашувачка, според него, е „нормализацијата на подаништвото на либералната интелигенција и прифаќањето на репресијата како нормала со која се обидува да се живее“.

Неповратно се срушија илузиите за сите либерални институции кои се чинеа непазарни, независни простори на слободно истражување, храмови на демократијата и правата, како: Њујорк Тајмс, Харвард, Јејл, Принстон, Колумбија – помалку или повеќе, сите беа предадени од либералите кои се колнеа во нив, без значаен отпор.

Бедно и срамно беше да се чита како ги менуваат силабусите, исфрлајќи ги родовите прашања и ЛГБТКЈУ+ правата, афирмативните акции за обоените студенти, прераскажувајќи ја со попозитивни бои историјата на Граѓанската војна и ропството, кое чиниш и не постоело.

Долж иконоклазмичната 2020, протестантите на бела-супремација наративот сакаа да ги воскреснат генералите на поразените во Граѓанската војна и ја рушеа бистата на Џеферсон во Вашингтон. Флорида и Тексас ги ревидираат силабусите по историја во школите во таа конзервативна насока. 150 универзитети во САД подлегнаа на притисокот и заканите на администрацијата за ревизија на силабусите??? Ревидирани се на полошо Изборниот закон и законите за имиграција и оттаму легислативното цунами тргнува незапирливо.

Никој не веруваше дека овие либерални тврдини така лесно ќе паднат, но паднаа. Либерализмот по ова го нарекуваат зомби-либерализам (лута по земјата мртов, а не знае дека е мртов).

Во Линберг-индексот за либералните демократии САД е полудемократска земја, со назадување на демократијата од пред 1965 година?! А кај Готенберг универзитетот во годишниот извештај за САД се вели дека се движи кон автократија побрзо од Турција и Унгарија?!

***

(продолжува)

 

Љубомир Д. Фрчкоски

Галичник, јули 2026

 

Back to top button
Close