Засекогаш сиромашни по умот и џебот!

Mерсел Биљали

Не размислуваме за скапа содржина, туку за евтина гласачка кутија и ефин гласач. А токму таков евтин „патриотизам“ најскапо чини. Затоа 35 години со свој камен по своја глава. Казнети сме за да не добиеме водачи кои знаат дека државништвото не е отсуство на страв, туку победа над стравот!

Хрватскиот остров Крк е познат по прекрасни плажи. Но, штом ќе пристапите на островот, ви паѓа во очи огромен мега-пловечки терминал за течен природен гас (ЛНГ). Две третини од количините на терминалот доаѓаат од САД, и претендираат да ја остават на страна „зелената ЕУ“, а тоа Брисел го прави нервознo. Со тој терминал за течен природен гас во Крк од 6,1 милијарди кубни метри годишно, Хрватска станува клучна точка за снабдување на важен дел од Европа. А веќе е започнато со интерконекции со Босна и Херцеговина, Србија, Унгарија итн.

Во февруари ова година, американскиот Конгрес усвои закон наречен „Закон за демократија и просперитет на Западен Балкан“, кој има за цел да ја продлабочи економската соработка со земјите од регионот, при што течниот природен гас игра клучна улога. Таква офанзива на САД во Балканот е дел од поширока геопилитичка стратегија, дури и истиснување на кинески добавувачи на Хуавеи и ЗТЕ. Додека ЕУ бавно напредува со процесот на проширување, САД тргнува со стратешки инвестиции кои обезбедуваат сè поголемо влијание во регионот.

Министри за енергетика и претставници на околу дваесет земји и Европската комисија се собраа во Вашингтон на Трансатлантскиот самит за безбедност и снабдувањето со гас. Собирот беше организиран од Националниот совет за енергетска доминација (NEDC) на САД, со цел постепено воведување на забрана за увоз на сите видови руски енергенси. Дванаесет држави и САД потпишаа Заедничка изјава за зајакнување на безбедноста на снабдувањето со природен течен гас во Централна и Источна Европа. Беше констатирано дека диверзификацијата на изворите и рутите за снабдување со гас се клучна за енергетската безбедност на државите учеснички.

ЕУ влегува во нова зависност!

На прв поглед, американскиот течен природен гас (LNG), го заменува рускиот гас од постојните цевководи. Но, постои растечка загриженост дека Европа влегува во нова стратешка зависност, не само економски туку и геополитички – вели потпретседателката на Европската комисија, Тереза ​​Рибера. Институтот за енергетска економија и финансиска анализа (IEEFA) констатира дека уделот на американскиот течен природен гас до 2028 година би можел да покрие дури 80 проценти од потребите на голем број држави на Европа. Уште сега во Грција, дури 66 проценти од увозот на LNG доаѓа од САД. Од грчките терминали за LNG во Ревитуса и Александрополис, американскиот гас ќе се транспортира преку „вертикален коридор“ до Бугарија, Романија, Молдавија, Унгарија и Украина.

ЕУ предупредува дека заобиколувањето на стандардните процедури за конкурентност на европскиот енергетски пазар може да ја загрози интеграцијата на земјите кандидати и да го отежни пристапот до средства од Планот за развој за Западен Балкан. Но, сепак земјите имаат можност конкурентно да увезат гас и од Азарбејџан (од полињата Шах Денис). Но, факт е дека овдешната енергетска инфраструктура е застарена, а европски средства за модернизација на мрежите бавно пристигнуваат. Српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Хандановиќ изрази поддршка за развојот и зајакнувањето на односите меѓу Европа и САД во енергетскиот сектор, во рамките на Партнерството за трансатлантска соработка во енергетиката и климата (P-TEC).

Рака на срце, дискусијата на Трансатлантскиот самит за безбедноста на снабдувањето со гас не беше теоретска, туку станува збор за тоа кој во Европа гради алтернативни патишта, а кој сè уште е против, рече хрватскиот министер за економија Анте Шушњар. Впрочем, Хрватска доби „кец на десетка“ во засилувањета на својата безбедност. Тој гас доаѓа од најмоќната земја на светот. Хрватска планира да се поврзе со Босна и Херцеговина и од нејзин север и од југ, а и со Србија нема да биде технички тешко, ниту скапо, бидејќи гасните мрежи во двете тие земји достигнуваат до заедничката граница.

Од друга страна, Црна Гора разгледува опции со гасоводот IAP. Министерот за енергетика и рударство на Црна Гора, Адмир Шахмановиќ, ги презентираше стратешките приоритети на неговата земја, како што е Јадранско-јонскиот гасовод (IAP). Тука е и пристаништето Бар, па министерот нагласи дека сè уште не е донесена конечна одлука за инвестиција. Се уште се кај анализи и студии за изводливост. „Го гледаме гасот како транзициско решение до обновливи извори на енергија, а не како долгорочна замена за зелената транзиција“- подвлече тој, несакајќи да го налути Брисел. Романскиот министер за енергетика Богдан Иван рече дека компаниите во неговата земја би можеле да заработат до 500 милиони евра повеќе откако ќе се заврши „Вертикалниот гасен коридор“. На тој дел од Европа, планот е синото гориво да се транспортира од терминалите за течен природен гас во Александрополис и Ревитуса во Грција, како и од Каспискиот регион, преку Јужниот гасен коридор до Европа. Во тек се и проекти за други терминали, како што е Диорига во близина на Атина.

Русите се поразени ама не се откажуваат

Грчкиот министер за животна средина и енергетика, Ставрос Папаставру, ги повика ЕУ и САД да не дозволат рускиот гас да се врати во Европа. Но, рускиот гас може да најде пат, и тоа по конкурентна цена, што би го поткопало овој процес, предупреди министерот. Бугарија има можност да стане центар за снабдување со гас и транзит за Југоисточна, Источна и Централна Европа, изјави тогаш вршителот на должноста министер за енергетика Трајчо Трајков. Но, купувачите на рускиот гас ќе се третират како црна овца.

Во процесот веќе се вклушени бројни западни компании, меѓу кои „Atlantic SEE LNG Trade“, „DEPA Emporias“ и „DEPA Trading“, украинскиот „Нафтогаз“, бугарскиот „Bulgartransgaz“, „M.T. Abraham Group“, „Shell”, „Меtlen Еnergy” итн. Северна Македонија и САД потпишаа договор за испорака на течен природен гас. Најголем корист ќе има БиХ каде што околу 80% од термоцентрали се на јаглен, стари преко 50 години. Исто така земјата долг период била зависна од рускиот гас. А Косово би се снабдувал низ Албанија и Македонија (иако Курти не гледа со голема симпатија кон течен гас од САД)! Албанија веќе потписала споразум за кредит од 6 милјарди долари со американската гигантска компанија „Venture Global LNG“.

„Патриотска“ Македонија вечна сиромашна пo умот и џебот!

Во Македонија секогаш нешто фали. А најмногу државничкиот пристап кон проблемите. Таа со години плаче а не знае зошто, а очекува некој друг да и ги брише солзите. Нејзините бродови тонат и во плитки води. Бугарија пред пет години има изграден терминал за течен природен гас (LNG) во Александрополис, а изграден е и гасоводот Грција-Бугарија (IGB гасоводот). Ние пак сме слепо црево. Низ тој бугарски гасовод ќе се снабдуваат бројни држави од југоисточна и централна Европа (Србија, Романија, Унгарија, Чешка, Молдавија, Украина итн. А ние се фалиме што ќе бидеме „поврзани“ (корисници), а можевме да бидеме патрони за снабдување на десетина околни држави. Ама ефтиниот „патриотизам“ ни чини скапа загуба на тешки милјарди годишно, плус силна геополитика. Но, ние не размислуваме за такви силни и скапи содржини, туку за евтини гласачки кутии. Од 1 јануари следната година, Бугарија ќе добива гас од Азербејџан, а ние напразно се надеваме на тој нафтовод до ОКТА што е ептен со слаб капацитет. Нашите бродови тонат и во плитки води. Eвтино политиканство ве натера да го правите тоа е штетно, а ние 35 години со свој камен по своја глава. Државништвото не е отсуство на страв, туку победа над стравот. А евтин политичар работи со плитката логиката на обичниот гласач. Тука кога е потребно сонце се моли за дожд и обратно. Затоа цели две децении само два града со гас. Оттука, прашањето дали Македонија ќе може постепено да ги укине фосилните горива, вклучително и природниот гас до 2050 година, како потписничка на Парискиот договор за климата и други меѓународни климатски обврски?! Моментално, кај нас само 663 потрошувачи се поврзани на активни дистрибутивни мрежи за гас. Од нив, 411 се во Струмица, 235 во Куманово, додека само 17 индустриски корисници се поврзани на гас преку ТИРЗ „Скопје“. А регионалните гасоводи стојат без мреже. Експертите предупредуваат дека без активирање на веќе изградената инфраструктура, гасификацијата на домаќинствата и бизнисите ќе стагнираме со децении, додека ЕУ брзо ќе се свртува кон водород и зелена енергија. Од 1 јануари следната година, Бугарија ќе добива гас од Азербејџан и ќе постигне целосна диверзификација на снабдувачите со енергија. Човек најмногу губи кога станува роб на својот страв. A тука со децении влада стравот од многу потребното.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close