Путин: Главна задача на властите е да поттикнат структурни промени во економијата

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека главна задача на властите е да поттикнат структурни промени во економијата и да започнат нов инвестициски циклус.
Путин рече дека рускиот федерален буџет во јуни остварил суфицит од 196 милијарди рубљи (околу 2,1 милијарда евра), благодарение на растот на приходите од нафта и гас, како и на останатите буџетски приходи.
Според него, приходите што не потекнуваат од нафта и гас во вториот квартал се зголемиле за 25 проценти во однос на истиот период минатата година.
Тој додаде дека бруто-домашниот производ (БДП) на Русија во мај пораснал за 0,3 проценти, додека во првите пет месеци од годинава е регистриран раст од 0,2 проценти.
Путин истакна и дека забрзаното кредитирање придонело за зголемување на паричната маса, која заклучно со 1 јули била за 13 проценти повисока во споредба со истиот период лани.
– Тоа ни дава основа да очекуваме натамошен раст на домашната побарувачка – изјави Путин.






