Проруска мрежа за дезинформации насочена против кандидатот за претседател на Франција Едуар Филип

Дезинформациска операција спроведена од проруска мрежа е откриена против Едуар Филип, кандидат на претстојните претседателски избори во Франција, изјави претставник на безбедносните служби.
Ова е прва ваква операција насочена против кандидат на претседателските избори, чиј прв круг е закажан за 18 април следната година. Француските власти стравуваат од зголемена опасност од странско мешање, пренесува Франс24..
„Речиси незабележливата кампања“ против Едуар Филип била извршена од проруската мрежа „Бура-1516“, појасни претставникот, потврдувајќи ги претходните информации на телевизискиот канал „Те Еф 1“.
Кандидатот од десниот центар, кој е поранешен премиер и актуелен градоначалник на северниот град Авр, неделава беше мета на објави на социјалните мрежи со лажни тврдења за неговата здравствена состојба.
Операцијата, која беше пресретната овој вторник, „е еден од вообичаените руски напади кои никогаш немаат сериозно влијание“, бидејќи „се премногу незабележливи“ и шират неверодостојни и лесно демантирачки пораки, истакна претставникот на безбедносните служби.
Мрежата „Бура-1516“ се обвинува за организирање дезинформациски операции во Франција и други европски земји. Службата „Вижинум“, чија задача е борба против странското мешање во онлајн просторот, поврзува 205 слични операции со оваа проруска мрежа од август 2023 година.
На 8 јули, францускиот премиер Себастиен Лекорну предупреди дека очекува зголемена опасност од странско мешање не само за време на претстојните претседателски избори, туку и на локалните избори и изборите за советите на департманите во 2028 година.
Француската влада во средата поднесе предлог-закон за поефикасна борба против странското мешање, кој предвидува построги казни за лицата кои шират лажни содржини за време на избори.






