Фрчкоски: Власта троши пет милиони евра за прослава додека граѓаните се трујат, парите да се пренаменат за чиста вода

Членот на Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Јон Фрчкоски на денешната прес-конференција ја обвини власта за системски колапс кој резултираше со неисправна вода за пиење во дури седум населени места. Додека јавното здравје е загрозено, Фрчкоски вели оти трошењето на милионски суми за државни прослави е нехумано и неодговорно и побара нивна пренамена за обезбедување чиста вода за населенито.

Тој рече дека основната животна потреба за чиста вода е загрозена за граѓаните во Гостивар, Валандово, Крушево, Пласница, Прилеп, Лешок и Преглово, а според него, ова е директна последица на лошото менаџирање на институциите, предупредувајќи дека кризата може дополнително да ескалира.

„Мицкоски отвора базени додека во седум населени места водата е неисправна за пиење а низ Лепенец и Вардар тече бела пена. Отровот стигна и до главниот град Скопје. Со Мицкоски и ВМРО-ОКГ најскапото нешто, здравјето на луѓето е во прашање. Најосновната животна потреба на граѓаните, за чиста и здрава вода е загрозена. Ова е системски колапс на институциите под команда на Христијан Мицкоски и организираната криминална група ВМРО. Мицкоски ја труе Македонија. Буквално“, рече тој.

СДСМ обвинува дека Владата досега криела колку пари ќе потроши за 35-годишнината од независноста, а според информациите до кои тие дошле, на 167-та седница одржана на 28 април 2026 година, Владата ѝ наложила на АД Државна лотарија да одвои 300 милиони денари или околу 5 милиони евра од нераспределената дивиденда за 2024 година за спонзорирање на манифестациите. Фрчкоски изрази сериозен сомнеж за законската регуларност на постапката, обвинувајќи за матни зделки и незаконско фаворизирање.

„Пред да биде објавен формалниот јавен повик на Државна лотарија, во јавноста и медиумите веќе беше објавено дека „Авалон продукција“ е избрана и ангажирана како главен партнер за централните музички настани. Како е ова можно? Под маса? Ова е сомнително и од законски аспект мора да биде испитано“, изјави Фрчкоски.

Наместо за милионски провизии и скапи пејачи во време кога нема пари за вода, плати и пензии, од опозициската пртија побараа овие средства веднаш да се пренаменат бидејќи како што велат, најпатриотски чин за Денот на независноста е да се обезбеди здрава животна средина, предлагајќи парите да се инвестираат во пречистителни и филтер станици, нови резервоари за вода и обнова на водоводните цевки и нови инсталации.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close