Турција распореди пет Ф-16 во Естонија за мисијата на НАТО за воздушна полиција

Турција распореди пет борбени авиони Ф-16 и нивните екипажи во Естонија како дел од мисијата на НАТО за воздушна полиција, соопшти денеска турското Министерство за одбрана.
„Како дел од зајакнатата мисија на НАТО за воздушна полиција, завршено е распоредувањето на пет авиони Ф-16 и нивниот персонал во воздухопловната база Емари во Естонија, каде што ќе бидат стационирани од 1 август до 30 ноември 2026 година“, се наведува во соопштението на министерството објавено и на социјалните мрежи.
Се додава дека за време на мисијата, турските единици ќе придонесат за безбедноста на балтичкиот воздушен простор во рамките на заедничките активности за противвоздушна одбрана на НАТО.
Балтичките држави, поранешни советски републики и членки на Северноатлантската алијанса, кои делат долга граница со Русија, бележат сè поголем број навлегувања и падови на дронови на нивните територии од почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година.






