СДСМ го обвини Мицкоски дека и со говорот на Илинден ја дели државата

СДСМ преку соопштение реагираше на илинденскиот говор на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека и на најголемиот државен празник испратил пораки што, според партијата, ги продлабочуваат поделбите во општеството.

Од СДСМ велат дека Мицкоски во својот говор повикал на борба против „омразата, цинизмот и талогот што ја трујат Македонија“, оценувајќи дека со таквата реторика ги етикетира сите кои не се согласуваат со неговите политики.

 

„Кој е тој ‘талог’ според Мицкоски? Сите што не мислат како него. Сите што ја разобличуваат неговата политика. Сите што бараат Европа, правда и одговорност“, наведуваат од партијата.

 

Според СДСМ, премиерот и претходно користел, како што велат, навредлив речник кон граѓаните, а истиот пристап го повторил и во говорот по повод Илинден.

 

„На денот кога треба да се слави државноста и единството, Мицкоски повторно сее поделба. На денот кога треба да се зборува за иднината, тој повторно напаѓа. Ова не е патриотизам, туку политичка омраза облечена во празничен говор“, се наведува во реакцијата.

Од СДСМ додаваат дека Мицкоски не може да биде премиер на сите граѓани сè додека, според нив, народот го третира како „талог“.

Back to top button
Close