Додека умира надежта за поубаво утре

Ерол Ризаов

Во некои држави пишувачите на говори на претседателите и на премиерите се познати во јавноста. Тоа се уважени, ценети  и компетентни личности кои ја работат одговорно својата работа во согласност со значењето на поводот за обраќање до граѓаните на највисоките државници, политички лидери и јавни личности. Кај нас пишувачите на говори анонимноста ги ослободува од секакава одговорност за секој напишан збор, бидејќи нарачките се строго дефинирани, а одговорноста, славата и срамот припаѓаат на  нарачателот, поточно на говорникот.

И во двата случаи, било на познат пишувач, било на колективен творечки вознес, било на Вештачката интелегенција, да се напише говор за значајни настани тоа што ќе предизвика силна поддршка и внимание во јавноста клучен момент се сугестивноста на ораторот и допадливоста на граѓаните да го слушнат тоа што сакаат да го слушнат. Најчесто тоа се дневно-политички пропагандни обраќања кои брзо се забораваат. Историјата бележи и значајни говори кои најавуваат големи промени кои претскажуваат револуции и војни.

Ова го кажувам поради големата штета што не го дознавме авторот на „брилијантниот историски“ говор на премиерот Христијан Мицкоски за илинденските празници за одбележување на годишната од АСНОМ прочитан од премиерот во Пелинце. Велам, прочитан, оти тешко е да се поверува дека тој самиот напишал такво нешто, но секако нарачката и евентуалните дополнувања се целосно исполнети да ја дознаеме историската вистина кој е најзаслужен за успесите и кој е виновен за сите страдања и неуспеси, кој е талогот, кои се предавниците и кои се вистинските патриоти, спасители на националните и државни интереси, бранители на македонските идентитетски посебности.

Ако живееме само во минатото и во иднината

Конечно ја дознавме вистината дека и Илинденското востание 1903 и АСНОМ 1944 година се заслуга на ВМРО и на нивните наследници во ДПМНЕ. Сѐ друго било талог и предавства. Поголем историски фалсификат и памфлет не е искажан во ниту еден говор на овие празници, иако и досега во повеќе случаи имало партиски злоупотреби, патосирани пропагандни пораки, здодевни плагијати, неприлични за значењето на истортиските настани. Ваков повик на единство во омразата и партизирање на историјата немаат напишано, ниту кажано ни некои наши инстант историчари, познати производители на опимум за народот, ниту пак заборавените листопадни политичари.

Премиерот Мицкоски меѓу другото ќе остане запаметен по најголемата партиска злоупотреба на одбележување на илинденските историските настани. Ајде да видиме зошто и на кој начин тоа го направи прилично лошо читајќи го пишаниот говор, иако се виде дека бајаги вежбал. Го издадоа грешките во интерпункцијата што ја намали сугестивноста, а ја зголеми видливоста на лагата, што беше веднаш препознаено од талогот и предавниците, а компетентните и научниците мудро молчат за новата историја со заслугите на ВМРО-ДПМНЕ. Мене особено ми оставија силен впечаток пораките како да ја одржуваме во живот, за да не умре, надежта за подобро утре.

„Денес не смееме да зборуваме само за славното минато. Минатото не смее да биде место во кое ќе се засолнуваме. Минатото мора да биде темел од кој ќе црпиме сила за она што допрва треба да го изградиме. Зашто народ што живее само од својата историја полека почнува да ја губи својата иднина. Но, народ што ја почитува својата историја, а храбро ја создава својата иднина, никој не може да го запре“.

Овие зборови искажани со силен вознес на премиерот Мицкоски навистина најавуваат голем пресврт доколку го слушаме што зборува говорникот, а не гледаме што прави и какви потези влече власта и неговата влада и партија. Недостасува сегашноста која може најдобро да се разјасни со старата ирска поговорка: „Ако живееме во минатото и ако живееме во иднината не живееме во сегашноста“. Македонија веќе 35 години заробена во минатото и во иднината не живее во сегашноста, која секој ден прераснува во лошо минато на неостварени надежи.

„Оваа битка на оваа генерација е последната надеж за иднината на државата. И не смееме и не можеме да потфрлиме. Битката на оваа генерација е последната линија и сила на отпор против многу неправди, против многу историски одлуки за кои, иако не влијаевме, беа погрешни и влијаеја врз нас“. Еве и ова го кажа премиерот како многу допадлива поента.

Велиш, премиере, оваа генерација е последна надеж за иднината на државата против многу неправди, против многу историски погрешни одлуки за кои не сте влијаеле. Не сте влијаеле, па тогаш кој влијаел премиере. Во овие 35 години независнот вашата партија е 17 години на власт. Речиси исто толку години на власт е и „талогот“, за кој велиш се длабоко во опозиција, распаднати помеѓу своите лични интереси и далаку од столчињата на власт… Велиш, тие фотељите ги држеле не со поддршка на народот, туку со предавствата и отстапките што ги правеа. Дали тоа значи дека ги бришеш и амнестираш грешките и злоупотребите од ерата на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и од времето кога твојата партија како моќна опозиција ги блокираше сите успеси за иднината на Македонија, прикажувајќи ги како предавства. Дали  ги одбројуваш времето само според твојот нов календар како почеток на новата ера која треба да ја сметаме како пропаст пред твоето доаѓање на власт и како историски успех по твојата инагурација. Ако така мислиш како што зборуваш оценката е за две години владеење никој не направил поголема штета за иднината на Македонија со твојата политика на предавства, омраза, закани лаги  и манипулации.

За АСНОМ како на партиски митинг

Си бил многу загрижен премиере „што лидерите на опозицијата, наместо натпревар со идеи, концепти и предлози, создаваат блато составено од многу нихилизам, омраза, ширење епидемија од дефетизам, како супститут на квалитетна понуда“.  Тврдиш дека „на секој успех се гледа со недоверба, во секоја наша потешкотија или борба се гледа нивната радост и навивање да не успееме. Но, сакам да им порачам дека никогаш, никогаш нема да се откажам од борбата да ја направиме Македонија подобро место за живеење, наш дом и наша иднина. Никогаш нема да го прифатам нивното однесување на отстапки кон прашањата кои се блокада на нашиот пат кон ЕУ и никогаш нема да го разочарам народот. Јас предавства на штета на државата и народот, како што се правеше во минатото, по ниту една цена нема да направам“.

Браво, премиере. Се прогласи на Илинден за спасител на Македонија откако ги блокира преговорите со ЕУ и тоа го прогласи за херојство обвинувајќи ги политичките противници за велепредавство дека тие го блокирале нашиот пат кон ЕУ. За кои ваши успеси зборуваш. Заборави да го кажеш и вашиот успех за членството во НАТО со кое во многу прилики се гордеете.
На годишнината на АСНОМ како да сте на партиски предизборен митинг велиш „не паѓајте во замката на талогот кој тие го создаваат. Ве молам внимавајте и не му верувајте на тој талог од неуспеси, цинизам и мразење на сè што е успешно. Нашата генерација има обврска да се избори за нешто што е подеднакво важно да ја зачува душата, да ја врати вербата во институциите, да го врати достоинството на чесниот човек и повторно да ја направи надежта најсилна движечка сила на нашето општество“.

И во вакви прилики ја подгреваш  надежта која ти е неопходна да не умре, бидејќи таа е последната лага да се оддржиш на власт. Ако надежда биде изгубена лагите и манипулациите не помагаат. Добро знаеш дека огромно мнозинство граѓани е определено за членство на Македонија во ЕУ. Направи ли некој исчекор во тој правец судбината да не ни биде иднина. Ти треба жива надежта заради тие 70 отсто од граѓаните кои се за членство на ЕУ. Сѐ што направи за членството на ЕУ е да кажеш дека додека си ти на власт тоа нема да помине оти цената била превисока. Никогаш не каже колкава е цената што не сме членка на ЕУ, и колкава ќе биде што ја блокиравте таа мнозинска определба на граѓаните и што тој успех за почеток на преговорите и компромисите ги прогласивте и уште ги прогласувате за велепредавство на талогот, блатото, медикокритетите, глодарите, лешинарите, сејачите на отровот. Тоа не било омраза тоа било јунаштво така да се зборува, дури и на одбележување на националниот празник како што се годишнината од АСНОМ и од Илинденското востание. Тоа ли е вашиот повик за единство со талогот.

Нека ти служи на чест премиере Мицкоски. Еден ден надежта ќе умре таа сѐ повеќе гасне како ја оддалечувате Македонија од ЕУ. Ако дотогаш и ова генерација не изумре и ако остане Македонија жива некој ќе ве праша за цената ако нешто ви значи тоа. Или пак, како и сега, верувате дека и тогаш лагата ќе биде посилна од вистината. (dw)

Back to top button
Close