ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР: 25 години потоа
Конфузијата околу столбовите на актите и настаните на засновување и развиток на некоја држава е соодветна на нејзината лефтерност—како историски факт. Без архива и со неавтентичност на учесниците и коментаторите, со креирање лажни слики за фактите на себе-засновањето се прави симулакрум на меморијата на нацијата без вистинска меморија. Таков е односот кон нашиот Устав од 1991, нашето членство во ООН, како и односот кон Охридскиот рамковен договор со кој се реши конфликтот од 2001.

Како стигне секоја политичка шуша, додворувајќи се на актуелната власт, го коментира, толкува, суди, оценува, прави конференции, слави, критикува во потполно отсуство на автентичност и знаење за неговата содржина и процес на настанување. За страв и фама од креаторите (фала Богу живи и здрави) да не правиме муабет.
Меѓу повторувачите и пацерите посебно се популарни т.н. фатални, холистички прашања (кои ништо не откриваат, ниту вистински запрашуваат како појдовна методологија за разоткривање на нештата), туку служат како покривка за глупостите кои ќе следат, како на пример за Охридскиот и конфликтот кој му претходеше, прашањето: Што ни се случи во 2001 година?
Како до единствена историја за некој трауматски настан е легитимна теза? Но тоа ни од далеку не е толку фатално колку се чини и можни се горе-долу јасни фактографски интерпретации кои не би биле спорни. Нивното идеолошко поразлично толкување можно е да остане кај страните на конфликтот, но мрежата на основните случувања, факти и настани важно е да се постави како основа на секоја историографија на нацијата.
Со тоа ќе се бавиме малку за Вас, драги мои, земајќи предвид дека учествував во создавањето на документот Охридски рамковен договор, заедно со Владо Поповски како експерти на страната на македонската делегација и претседателот Борис Трајковски. За тоа како дојде и кои се причините за конфликтот во Македонија од 2001 година меѓу албанската герила и македонските безбедносни сили, следните фактори можат основано да се земат предвид:
- Војната во Косово (1999), всушност нејзиното завршување и прелевањето на вооружените формации на Албанците од таму организирано во Македонија. Тоа беше иницијална каписла на воениот судир кој доби размери на нискоинтензивен вооружен бунт-востание (по меѓународно-правни стандарди ’insurgency’ со околу 400 жртви);
- Таа иницијална каписла се поврза со етничката солидарност на Албанците и нивното незадоволство од политичките елити кои се бореа за нивните права и статус во Македонија (ПДП и ДПА, оправдано или не, тоа се покажа важно за разгорување на судирот);
- А во врска со вистинската состојба со правата и статусот на Албанците како заедница со Уставот од 1991: точно е дека со уставот од 1991 во делот на јазичните права се направи чекор назад од Уставот на Југославија и Македонија од 1974 година. Но тоа секако не е „доволна“ причина за воен судир и немаше тоа да биде во услови на отсуство на Косово како фактор и сосед. Ова посебно бидејќи Уставот од 1991 не е дизајниран како устав на колективно дефинирање на ниту една заедница како „конститутивна“, ниту е устав на етнички хомогена држава. Туку конститутивноста е кај граѓаните на државата и нивото на заштита на колективните етнички и културни права е објективно висок (Бадинтеровиот Извештај е најдобар доказ за тоа). Во процес на подобрување на статусот и правата на Албанците се водеа дипломатски и експертски разговори во образованието, амандмани на уставот, полицијата и војската со Ван Дер Штул (ЕУ Комесар за малцински права) и Герд Аренс од Конференцијата за бивша Југославија задолжен за истите права.

Грубоста и насилството на конфликтот, пролеаната крв и славењето на истата, цинизмот и мрзливоста на „македонските аналитичари“ и охолоста албанските герилци-политичари – не може едноставно да ги избрише и поништи овие огромни напори на властите и Албанската заедница и меѓународните чинители – помагачи да се подобри суштествено состојбата и нивните права. Јас сум убеден дека доколку ’факторот Косово’ не постоеше – ние ќе ги подобревме истите права за кои се зборува во Охридскиот со преговарачки средства во процес, кој можеби ќе беше подолг, но немаше да биде крвав и ќе се легитимираше, со право, способноста на албанските политички елити од ПДП и ДПА кои беа интензивно вклучени во процесот.

Следен фактор за трансформација на конфликтот кон преговори беше интересот на Меѓународната заедница за непроширување на војната од Босна и Херцеговина во Македонија. Тој интерес се базираше на информациите за деликатноста на геостратешката позиција на Македонија и нејзината историја поврзана со тоа, како и со интересот на меѓународната заедница за запирање на можноста големо-српскиот проект и албанската реакција од Косово да разори уште една држава, која имаше релативно мирна транзиција од дисолуцијата на Југославија, релативно ефикасна и инклузивна, мултикултурна демократија и задржа реално живлив животен стандард и мир во исклучително немирен регион.
Поради сето тоа „меѓународната“ направи исклучително силна медијаторска екипа (Америка и Европската Унија) и интервенирање брзо во трансформација на конфликтот и доаѓање до договор за него.
Следен фактор е внатрешните политички поделби, судири и квалитетот на политичките елити во Македонија во очи конфликтот од 2001. Тука постоеше катастрофално неединство помеѓу властите и опозицијата околу стратегијата на одговорот на предизвикот со конфликтот. Се создаде голема коалиција, но ситуацијата не се подобри. Посебно хетерогено дејствуваа МВР и АРМ во потполна некоординација, па и бојкот кон претседателот Трајковски.
Тоа се одрази на катастрофална реакција кон албанската герила, се испушти шансата на задржување на конфликтот на границите со Косово, тој продре внатре, се разгоре и доведе до силниот притисок на меѓународната за преговори и така почнува Охридскиот процес.
На почетокот албанската герила беше означена како терористичка (Робертсон, НАТО) и за тоа имаше причини ако се погледнат комуникеата на истата. До 7-то комунике – тоа е борба за земја со закани за етничко чистење на Словените од наводно „албанските земји“ и слични расистички изјави. Но по неуспешната реакција на државата во сузбивање на конфликтот, позицијата на „меѓународната“ се менува во правец на трансформирање на барањата и основата на бунтот: од борба за земја кон борба за права и уставни промени, а кон власта за договарање и договор – со тоа беа создадени позитивни услови за Охридскиот процес.

Процесот на дипломатско преговарање во Охрид беше во состав на силна меѓународна екипа посредници: САД (Џемс Пердју – шеф, Лаурел Милер советничка); ЕУ (министерот за одбрана на Франција Франсоа Лиотар и три експерта од: Германија, Франција и Италија), повремени гости: Ван Дер Штул, ЕУ Комисионерот за малцински права. Македонската делегација: СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, претседателот Трајковски како шеф, заедно со двајцата експерти Љубомир Фрчкоски и Владо Поповски, албанска делегација: ПДП и ДПА. Американците ја имаа улогата на контрола и пренесување на информациите од преговорите до Али Ахмети и албанската герила во „планините“ и обезбедување нивна постојана информираност и согласност за договореното.
Концептот и карактерот на Рамковниот договор од Охрид
Охридскиот договор е политички акт од внатрешен карактер, со правни консидерации, одредби во деловите за кои сака прецизно да се дефинираат. Тој не е меѓународен договор и не е мировен договор. Меѓународен не е поради страните кои учествуваат во неговото сочинување и потпишување и независно од силното гаранциско учество на посредници, тој е во основа внатрешен акт. Не е мировен, иако има одредби кои се однесуваат за прекин на воените дејства и регулирање на последиците од нив, бидејќи во Македонија немало војна ниту воена или вонредна состојба за време на конфликтот.
Принципите на малцински права од кои се поаѓа во Охридскиот договор се два: детериторијализација на етничките права, нивна функционализација (освен кај локалната самоуправа каде тоа секако не може и не треба да се одбегне) и нивно функционализирање во смисла на презентирање на идентитетот на носителите (а не инструмент за политичко институциско прекројување на македонската унитарна држава и демократија).

Првото значи дека свесно и одлучно се напушта во било кој вид територијалното решение за етничките права (федерализација или кантонизацијата, ова и поради катастрофата што тој модел во Дејтон ја постигна во БиХ, каде беше потик за дополнително етничко чистење, а не демократија). Затоа, а не бидејќи Македонците им беа симпатични, или силни во лобирањето, странците јасно ја подржаа унитарноста на Македонија како решение.
(продолжува)
***
Љубомир Фрчкоски
Галичник, 2026






