Директорот на охридската болница за случајот со родилката од Охрид: Двапати одбила хоспитализација, а невистина е дека имало недоличен однос

Директорот на Општата болница во Охрид и доктор на Одделението за гинекологија и акушерство, д-р Горан Маркоски, ги отфрла наводите на медицинската сестра Љубица Шавреска за недоличен телефонски разговор во ноќта кога таа побарала лекарска помош, а за „Скопје1“ тврди и дека на пациентката во два наврати ѝ била предложена хоспитализација, која таа ја одбила со своерачен потпис.

Screenshot

Маркоски достави до „Скопје1“ хронологија на прегледите на Шавреска во охридската болница, откако таа јавно го опиша третманот што, како што тврди, го добила во повеќе здравствени установи пред нејзината бременост да заврши со загуба на плодот.

Според Маркоски, Шавреска во Општата болница во Охрид била следена уште од раната бременост. Тој наведува дека првпат се јавила во седмата гестациска недела поради крварење.

„Ординирана е соодветна прогестеронска таблетарна и ампуларна терапија и истовремено е отворено боледување со дијагноза заканувачки абортус, кое е продолжувано во неколку наврати поради истоимената дијагноза која се споменува до самиот крај на бременоста“, вели Маркоски.

Тој тврди дека на пациентката континуирано ѝ била препишувана терапија соодветна за гестациската недела.

Како важен момент во хронологијата, Маркоски го посочува 31 август. Според него, Шавреска тој ден повторно дошла на преглед, а дежурниот доктор констатирал крварење и предложил хоспитализација

„Пациентката своеволно, спротивно на советот од доктор-специјалист, ја одбива, а истото е евидентирано во медицинскиот дневник со своерачен потпис на пациентката“, наведува Маркоски.

На 9 септември, во утринските часови, Шавреска повторно се јавила во болницата. Маркоски вели дека дежурниот лекар направил целосен ултразвучен преглед и повторно ѝ била ординирана терапија соодветна за гестациската недела. Според неговиот одговор, пациентката одбила вагинален преглед.

Истата вечер таа повторно дошла на Одделението за гинекологија и акушерство. Според директорот, по извршениот преглед повторно ѝ била предложена хоспитализација, како и транспорт со болничко возило до Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

Маркоски тврди дека Шавреска и овојпат ја одбила понудената опција, спротивно на советот на лекарот и со своерачен потпис, наведувајќи дека со сопствено возило ќе замине во приватна здравствена установа.

Овој дел се надоврзува на сведоштвото на самата Шавреска, која претходно наведе дека д-р Радмила Здравеска во Охрид извршила детален преглед, констатирала сериозно скратување на грлото на матката и ѝ посочила дека треба да замине во Скопје, при што понудила да организира болнички транспорт. Шавреска самата наведе дека, на нејзино инсистирање, наместо со организираниот транспорт заминала со сопствено возило во приватната болница „Плодност“.

Маркоски, меѓутоа, категорично го негира делот од нејзиното сведоштво што се однесува лично на него. Шавреска тврдеше дека при нејзиното доаѓање во болницата во раните утрински часови Маркоски бил повикан и дека подоцна, во телефонски разговор со медицинска сестра, наводно рекол да не го будат во 3:30 часот „за такви глупости“, туку само ако дојде жена да се породи.

„Во однос на мојот наводен телефонски разговор со дежурната сестра, како и на недоличниот речник кој се споменува, најодговорно тврдам дека е целосна невистина. А и како би можел некој да знае кој со кого и што разговара по телефон“, одговара Маркоски за „Скопје1“.

 

Back to top button
Close