Двесте најавени – нула реализирани вработувања во судството
Судовите остануваат без нов кадар
Кога во март годинава, премиерот Христијан Мицкоски најави дека Министерството за финансии одобрило средства за нови 200 вработувања за судовите низ земјава, тоа звучеше како прв чекор кон конечно надминување на алармантниот проблем со недостигот од судски кадар во земјава.

„Нешто што претставува навистина голем потег“, говореше тогаш Мицкоски.
Седум месеци подоцна, наспроти најавата на премиерот, нови вработувања нема.
Oд март досега не е реализирано ниту едно вработување, потврдија за БИРН од Судскиот совет: „Од страна на Министерството за финансии не се добиени индивидуални согласности за ниту едно од планираните вработувања.“
Во меѓувреме, летоска помина еден ребаланс на буџетот, а месецов пред парламентарците се најде и вториот. Владата на парламентот му предлaга ново прекројување на државната каса, во кое, ставката за плати и надоместоци од јулскиот ребаланс е иста со онаа од ребалансот што сега е предложен.
Три плана и три негативни мислења
На септемврискиот брифинг за новинари, претседателката на Кривичниот суд во Скопје, Даниела Димовска сподели информации дека од 628 предвидени места, во судот се пополнети 208, што значи дека пополнетоста е над 30 проценти. За пет години, бројот на вработени во овој суд се намалил за 131 службеник, а до крајот на годината, уште осум ќе се пензионираат.
Оваа состојба е практично слика за слабата кадровска екипираност во целото судство.
Во Извештајот на Судско-буџетскиот совет за 2025 година пишува дека лани биле предвидени 4.751 работно место за судска служба, а од нив работеле вкупно 1.803 луѓе. Со други зборови, пополнетоста на кадри била едвај 40 проценти.
Податоците од извештајот укажуваат дека проблемот не се сведува само на нереализираните 200 вработувања, туку за поширок предизвик: Судовите располагаат со значително помалку кадар од предвидениот, а плановите за нови вработувања не се спроведуваат
…






