Смртоносен напад кај Париз: Расте стравот од десничарско насилство

Она што се случи, според неа, покажува колку расизмот и фашизмот напредуваат во Франција. „Како црна жена, ова многу ме погоди. Имам браќа и сестри и можеше да му се случи на кој било од нас. Тука сум за да покажам дека ова не го прифаќам.“

Андреа е во посета на Париз. Таа раскажува дека долго време била локална политичарка. Во меѓувреме забележала дека границите на она што е општествено прифатливо да се каже значително се поместиле. Таа стравува дека ова е само почеток. „Расистичките изјави во Франција сè поретко се премолчуваат“, вели Андреа. „А денес веќе убиваат.“

Градоначалникот за одговорен го смета Националниот собир

Многумина на собирот сметаат дека и француските медиуми носат дел од одговорноста за смртоносните напади во Трап и Ла Вериер. Според нив, десничарските телевизиски канали како СиЊуз (CNews) без критичка проверка пренесуваат расистички изјави. Владата на претседателот Емануел Макрон, според критичарите, дозволува тоа да се случува.

Лидерот на француската партија Национален собир Жордан Бардела со гримаса на лицето додека стои во полутемнина
По нападот кај Париз, многумина гледаат јасна политичка одговорност кај десничарската националистичка партија Национален собир и нејзиниот лидер Жордан Бардела (на фотографијата)Фотографија: Teresa Suarez/AP Photo/dpa/picture alliance

Али Рабех, градоначалникот на Трап, гледа јасна политичка одговорност кај десничарската националистичка партија Национален собир и нејзиниот лидер Жордан Бардела. „До здодевност Жордан Бардела повторуваше, цитирам: ‘Трап повеќе не е Франција’. Тој го нарече градот ‘минијатурна исламистичка република’ или велеше дека Трап е ‘Кабул на само 30 минути од Париз’. Овој човек и неговата партија го претворија целото население на Трап во мета“, вели Рабех.

Во петокот, 39-годишен Французин во малите градови Трап и Ла Вериер, југозападно од Париз, пукал кон минувачи и очигледно намерно напаѓал црни и лица со арапско потекло.  Еден човек загина: 26-годишниот Пенго Босио Ванги, Французин со корени од Конго. Четири лица се тешко повредени, меѓу нив и едно единаесетгодишно девојче.

Случајот го презеде антитерористичкото обвинителство

Француското антитерористичко обвинителство спроведува истрага, меѓу другото и за „убиство поврзано со терористички план“. Обвинителите ја истражуваат можноста мотивот на напаѓачот да бил насочен кон лица од, како што наведуваат, „одредена етничка група, нација или религија“. Претседателот Макрон веднаш отпатува во Трап и на местото на настанот зборуваше за „терористички и расистички атентат“.

Антитерористичкиот обвинител Оливие Кристен во понеделникот информираше за текот на истрагата. Неговата институција се вклучила бидејќи нападот, според достапните информации, бил однапред испланиран. Сомнежот за можен расистички мотив, според Кристен, се темели на профилот на жртвите, луѓе со арапско или африканско потекло, како и на изјавите на осомничениот Кевин Т. Кевин Т. испукал вкупно 128 куршуми, изјави обвинителот. Во неговиот автомобил, по апсењето, биле пронајдени автоматско оружје, муниција, солзавец, лисици и полициска лента за рака.

Демонстрантка во Париз во крената рака држи транспарент со фотографија на црномурест човек , жртва на претходен напад. Зад неа на улица се гледаат други учесници на протест
26-годишниот Пенго Босио Ванги ( на транспарентот кој во раката го држи демонстрантка во Париз) беше убиен во очигледниот расистички мотивиран нападФотографија: Raphael Lafargue/ABACA/picture alliance

Осомничениот негира расистички мотив

Сепак, остануваат бројни прашања околу осомничениот Кевин Т. и неговите мотиви. При претресот на неговиот стан биле пронајдени Библија, Куран и примерок од книгата „Мојата борба“ на Адолф Хитлер, јавува новинската агенција АФП, повикувајќи се на извори од истрагата. Кевин Т. се лекувал од шизофренија и претходно не им бил познат на безбедносните служби.

Според весникот „Ле Монд“, тој на истражителите им кажал дека сакал да се одмазди за трговците по грабежите во нивните продавници за време на безредијата на 17 октомври. Истиот извор наведува дека признал оти целно напаѓал „црнци и Арапи“, бидејќи, како што рекол, „му било доста од нив“. Според антитерористичкиот обвинител Оливие Кристен, Кевин Т. го признава нападот, но негира дека бил мотивиран од расизам. Осомничениот може да остане во полициски притвор најдоцна до четврток, каде и натаму ќе биде сослушуван.

Студентката Елоди е среќна што гледа толку многу луѓе на собирот во Париз и што чувствува солидарност меѓу луѓето. „Не е нормално да бидеш застрелан само затоа што си црн и некому тоа не му се допаѓа. За мене сите луѓе имаат еднаква вредност“, вели Елоди. (Dw)

(Авторка на текстот: Каролин Дила, АРД, Париз)

Back to top button
Close