Директорката на РТС поднесе оставка

Генералната директорка на Радио-телевизија Србија (РТС), Мања Грчиќ, поднесе оставка од функцијата, објави Н1.
Во писмото до Управниот одбор на јавниот медиумски сервис, Грчиќ наведува дека одлуката ја донела по внимателно разгледување на околностите во кои функционира РТС, при што оценува дека е во интерес на институцијата да се овозможи непречено продолжување на нејзината работа.
Грчиќ очекува Управниот одбор, во рамките на законските надлежности, без одлагање да ги преземе потребните чекори за обезбедување континуитет во раководењето и законското предавање на должноста.
Изразува и подготвеност да соработува за примопредавањето да се спроведе уредно и без последици врз работата на РТС.
Според Н1, Грчиќ ја разрешила и Бојана Млаѓеновиќ од функцијата уредничка на информативната програма и предложила на нејзино место да дојде Боривое Ускоковиќ.
Во меѓувреме, група од 70 вработени предложила Јован Мемедовиќ да биде назначен за вршител на должноста директор на РТС.
Оставката на Грчиќ следува по барањата за нејзино заминување, кои ги упатија кандидатите на Студентската листа и дел од вработените во јавниот сервис.






