Ходаи: Усогласувањето на студентскиот оброк со инфлацијата е законска обврска, а не милостина
Активистот Бленди Ходаи упати остри критики до Собранието и Владата во врска со усогласувањето на износот на субвенционираниот студентски оброк, посочувајќи дека станува збор за законска обврска, а не за прашање за кое треба да се преговара.

Во објава на социјалните мрежи, Ходаи се повикува на Законот за субвенциониран студентски оброк, во кој, како што наведува, јасно е предвидено износот да се усогласува со инфлацијата секоја година, пред донесувањето на Буџетот.
„Значи, не станува збор за добра волја на Владата, политичка отстапка или некаква милостина кон студентите. Станува збор за спроведување на закон“, наведува Ходаи.
Тој прашува зошто воопшто се преговара за прашање за кое, според него, веќе постои јасна законска регулатива.
Ходаи ги критикува институциите и отвора прашања за одговорноста на пратениците и Владата, посочувајќи дека или законите не се читаат и спроведуваат соодветно, или преговорите се користат за собирање дневнополитички поени.
„И сега, што точно преговараме? Дали институциите ќе го почитуваат законот што самите го донеле?“, прашува активистот.
Ходаи смета дека наместо преговори за законска обврска, институциите треба да обезбедат нејзино доследно спроведување.






