Левица: Муцунски гласаше за ембаргото на Куба иако 130 држави се спротивставија на санкциите на САД
Вчера, Македонија гласаше против 34-тата по ред резолуција на Генералното собрание на ОН за укинување на американското ембарго врз Куба. Со ова, македонската дипломатија отстапи од својата долгогодишна позиција и се приклучи на малцинството држави што се спротивставија на резолуцијата.

За укинување на ембаргото гласаа 130 држави, додека само 17 беа против, меѓу кои Македонија, САД, Израел и Украина.
„Ваквото гласање јасно покажува каде лежат приоритетите на Владата на ДПМНЕ и чии интереси ги застапува македонската дипломатија“, велат од Левица.
„Со овој потег Министерството за надворешни работи, предводено од Тимчо Муцунски, продолжува со политиката на политички авантуризам без било какво сериозно образложение за причините за таквата постапка. Меѓу другото, оваа Влада која се повикува на европски вредности мора да разјасни како оваа одлука се вклопува во нејзината декларативна определба за европска интеграција.
Јасно е дека гарнитурата на ДПМНЕ станува сѐ поочајна во надворешно-политичките потези, а Муцунски со секој нареден чекор ја изедначува дипломатијата со онаа на моменталната гарнитура во Вашингтон. Прашање е што е следно и по кое важно геополитичко прашање срамните вмровските акробации ќе ја загрозат јавноста и ќе ја посрамотат македонската нација“, обвинува Левица преку соопштение.
Додаваат дека бараат образложение од Муцунски во чие име гласале нашите претставници, од кој вила донесена ваквата поразителна одлука како и да сподели конкретни аргументи за гласањето против резолуцијата.
„Нема да дозволиме надворешната политика да се претвори во механичко следење на интересите на транзиторни гарнитури, особено кога станува збор за прашање за кое Македонија со децении имала автентична позиција. Македонија мора да има сопствен глас во Обединетите нации, а не да биде статист во туѓите геополитички пресметки“, заклучува Левица






